Најмалку 300 гнезда на големиот бел пеликан и десетици други заедно со пилиња на далматинскиот пеликан се напуштени во Преспа од грчката страна на езерото. Климатските промени и повлекувањето на водата во областа на Преспанското Езеро во Северна Грција ги остави гнездата на пеликаните изложени на предатори, што доведе до нивно масовно напуштање од птиците во оваа сезона на размножување, соопшти Друштвото за заштита на Преспа (СПП) од Грција. Тие преку соопштение упатено до јавноста повикаа на итна акција за заштита на колонијата пеликани во Преспа.

Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува екосистем кој поддржува речиси 10% од светската популација на оваа глобално загрозена птица; – Фотографии од пеликанските колонии на таа локација „пред“ и „после“. (Фото: Друштвото за заштита на Преспа (СПП))
„Масовното напуштање на гнездата со јајца и пилиња е забележано во годинешната репродуктивна сезона кај пеликанската колонија. Идентификувавме силни докази дека биле малтретирани од копнените предатори. Патеките на големите животни низ трската стигнуваат до местата за гнездење на пеликаните. Поради многу ниското ниво на Езерото, некои островчиња повеќе не се заштитени од вода и станаа достапни за диви свињи и други предатори. Ова е феномен кој е забележан претходните години, но годинава доби невидени димензии“, предупредија од СПП, кои објавија и фотографии од пеликанските колонии на таа локација „пред“ и „после“.
Екологистите причините за уништувањето на стотиците пеликански гнезда ги припишуваат на климатската криза. Велат дека енормно ниското ниво на водата во Преспанското Езеро во последните 35 години е поради климатските промени со наглото намалување на снежните врнежи.

Фотографии од пеликанските колонии на таа локација „пред“ и „после“. (Фото: Друштвото за заштита на Преспа (СПП))
„Сега станува јасно дека проблемите предизвикани од ниското ниво на водата во Преспанското Езеро почнуваат да стануваат критични за меѓународно важните колонии на водни птици. Потребно е итно да се разгледаат релевантни интервенции во управувањето и поддршка на популациите на пеликаните со вештачки сплавови за гнездење. Во исто време, сите корисници на езерото мора да разберат дека секое, дури и мало нарушување на колониите може да биде особено оптоварувачко во овој чувствителен период“, предупредија од СПП.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, вели дека напуштањето на гнездата се случи од грчката страна на Преспа, односно на Малото Преспанско Езеро, каде се наоѓаат и гнездилиштата на пеликаните.
„Тие таму се гнездат, а кај нас доаѓаат по храна“, вели Тозиевски.
Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува екосистем кој поддржува речиси 10% од светската популација на оваа глобално загрозена птица.
Водата во Преспанските Езера веќе со години се повлекува и експертите сметаат дека езерата доживуваат еколошка катастрофа.
Неодамна и вработените во Паркот на природата Езерани за САКАМДАКАЖАМ.МК рекоа дека повлекувањето на езерската вода е закана за дел од екосистемите, меѓу кои блатата со трски, кои освен улогата на природен пречистувач на водите се и важно живеалиште за дивиот жив свет во Езерани и место за размножување на повеќе видови птици, риби, водоземци, без’рбетници и цицачи.
Таму живеат 216 видови птици од кои дел глобално загрозени, што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани.
Ж. ЗДРАВКОВСКА