ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ПОПЛАВИ ВО РАДОВИШ, ЌЕ СЕ РЕГУЛИРА И УРЕДУВА КОРИТОТО НА РЕКАТА СУШИЦА

    ЗА ДА СЕ СПРЕЧАТ ПОПЛАВИ ВО РАДОВИШ, ЌЕ СЕ РЕГУЛИРА И УРЕДУВА КОРИТОТО НА РЕКАТА СУШИЦАНа влезот во Радовиш, Сушица прави големи проблеми кога има надоаѓање на водите при обилни врнежи. (Фото: СДК.МК)

    Најдоцна до април идната година, реката Сушица во Радовиш треба да биде регулирана и уредена за да се спречат излевање при пообилни врнежи од дожд и поплави по околните објекти и ниви. Станува збор за потег од околу 630 метри на влезот во Радовиш кој се смета за најкритичен и досега има предизвикано огромни штети на околните индустриски објекти, а пред десетина години однесе и човечки живот, со оглед на тоа што во неа се слеваат сите водотеци од околните ридови.

    Регулацијата е дел од проектот за намалување на последиците од природни катастрофи во општините Радовиш и Сандански од Бугарија, при што ЕУ од Програмата за прекугранична соработка обезбеди околу 325.000 евра за активностите на македонска страна.

    Проектот го најавија директорката на Центарот за развој на Југоистокот, Жулиета Ѓуркова и градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов (Фото: СДК.МК)

    „И покрај пандемијата со коронавирусот која ги забави работите во нашата држава, ние не смееме да застанеме во делот на решавање на критичните прашања, како што се последиците од климатските промени и поплавите во Радовиш. Со овој проект се планира реконструкција на најкритичниот дел од реката Сушица, која прави проблеми при надоаѓање на водите при обилни врнежи. Овде ќе се исчисти речното корито, ќе се прават каскади, ќе се уредуваат ѕидовите и дното на речното корито, а ќе се уредува кеј покрај реката, кој ќе биде озеленет“, изјави директорката на Центарот за развој на Југоистокот, Жулиета Ѓуркова.

    Паралелно со овој проект, планирани се и повеќе едукативни работилници, со цел да се подигне јавната свест кај радовишани за последиците од климатските промени и заштита на животната средина. Дел од младите кои ќе бидат вклучени во проектот ќе учествуваат и во пошумувањето на кејот покрај реката, со што би испратиле силна порака дека не треба да се уништува шумскиот фонд.

    Ќе се уредува и кеј покрај реката Сушица, кој ќе биде озеленет (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов, вели дека со регулацијата на критичниот дел на Сушица ќе се надминат досегашните проблеми со поплавите. Најави дека како Општина бараат средства за уредување на целото речно корито за да се спречи излевањето на реката и по радовишките обработливи ниви.

    „Наша примарна цел е да спречиме и брзите водотеци од околните ридови да се влеваат во Сушица. Потребно е да се ангажираат сите институции за да се спречи бесправната сеча на дрвја, бидејќи на тој начин се овозможува и ерозија на земјиштето при поројни дождови. Затоа упатувам апел да бидеме поодговорни кон природното богатство“, кажа Конзулов.

    Со парична и стручна помош од Агенцијата за меѓународна поддршка на Јапонија, над Радовиш се градат потпорни ѕидови и се пошумува горниот тек на Радовишка Река, со цел да се намалат ризиците од поплави при поројни дождови и свлечишта. Како што посочи Конзулов, проектот на Јапонците ќе овозможи да се намалат брзите водотеци во Радовишка Река, која поминува низ центарот на градот и исто така може да предизвика проблеми и поплави доколку не се превенира во горниот тек.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира