СЕ ВРАЌА ЖИВОТОТ ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

a:2:{s:16:"td_post_template";s:18:"single_template_EU";s:9:"td_source";s:45:"Преспа,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СЕ ВРАЌА ЖИВОТОТ ВО ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    Запира трендот на деградација Преспанското Езеро, постепено се обновуваат природните функции на езерото, а забележано е подобрување на квалитетот на водата, вели за САКАМ ДА КАЖАМ.МК Димитар Сековски, раководител на Програмата за заштита на Преспанското Езеро. Подобрувањето на состојбите се должи на повеќе проекти кои се преземаат 13 години, со цел да се намали оптоварувањето со загадувачки материи врз езерото и да се воспостави интегрирано управување на сливните подрачја и еко системот.

    „Редовните мерења на квалитетот на водите на езерото даваат мошне охрабрувачки резултати. Забележано е подобрување на некои од главните параметри, како што се намалување на концентрациите на фосфорт и азот, зголемување на концентрацијата на растворен кислород, зголемување на провидноста. Иако овие сознанија сè уште се сметаат за прелиминарни, укажуваат на запирање на трендот на деградација на езерото“, вели Сековски.

    Димитар Сековски, раководител на Програмата за заштита на Преспанското Езеро (Фото: СДК.МК)

    Димитар Сековски, раководител на Програмата за заштита на Преспанското Езеро (Фото: СДК.МК)

    Во тек е изработка на извештаи и научни трудови кои ќе бидат објавени оваа година. Во проектите за заштита на езерото  досега се вложени 15 милиони долари, поголемиот дел  обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, дел од Глобалниот фонд за животната средина, УНДП и други извори. Програмата ја спроведува УНДП, во соработка  со Општината Ресен, Министерството за животна средина и други партнери.

    ЕЗЕРОТО ПРЕТРПЕ ТРАУМА

    Само пред пет години во книгата „Рибите на Преспа“ од Хидробиолошкиот институт од Охрид, испечатена со помош на УНДП И ГЕФ, се посочуваше дека Преспанското Езеро е изложено на драматични влијанија од обилниот раст на вегетацијата и намаленото ниво на вода. Во неа пишуваше дека Езерото претрпело трауматични промени, екосистемот забрзано се деградирал, а биодиверзитетот осиромашувал. Проѕирноста на водата била намалена за 30 до 70 проценти од пред 15 години. Намалени биле и концентрациите на растворен кислород, а зголемено присуството на фосфор.

    Но, проектите во повеќе области ја подобрија состојбата. Во земјоделството намелена е примената на пестициди и вештачки ѓубрива, како и вода за наводнување. Земјоделците преку обуки усвоија  нови методи на производство. Воспоставена е агрохемиска лабораторија и систем за следење на болести и штетници, кои овозможуваат вештачките ѓубрива и пестицидите да се користат само кога е апсолутно неопходно.

    „Системот за информирање на земјоделците преку СМС пораки и социјалните мрежи за тоа кога и како да се третираат овошките врз основа на агрометеоролошки мониторинг систем е прв од ваков вид не само кај нас, туку и во поширокиот регион“, вели Сековски.

    Отпадното јаболко веќе не завршува во езерото, туку во Ресен функционира современа постројка за компостирање на органскиот отпад. Во компостарата годишно се преработува околу 2.000 тони отпад од кој се добиваат околу 1.,000 тони висококвалитетен компост кој наоѓа примена во земјоделството.

    ЌЕ СЕ ВРАЌА БЛАТОТО ВО ПРЕСПА

    Во селата крај езерата поставена е канализација, а во тек се и активности за враќање на блатото во Езерани кај вливот на Голема Река со цел дополнително прочистување на отпадните води. Голема Река која е најголема притока на езерото, изминатите години беше многу згадена бидејќи околу неа се сконцентрирани најголем дел од земјоделските површини, индустријата, градот и околни дела. Мочурливата површина природно ја почистуваше пред влезот во езерото, но беше исушена кон деведесетите години и претворена во земјоделско земјиште. Пречистителната станица во Езерани, пак вклучува само примарна и секундарна обработка на отпадните води, без да ги третира азотот и фосфорот.

    (Фото: СДК.МК)

    (Фото: СДК.МК)

    „Делумно третираните отпадни води, во рамките на блатниот систем, дополнително ќе се ослободат од загадувачките материи, пред да дојдат во контакт со водите на езерото. Воведувањето на ваков терцијарен третман на отпадните води со примена на конвенционални технологии, значително би ги зголемиле сметките за комунални услуги на граѓаните на Општина Ресен. Од друга страна, со функционирањето на блатниот систем, оваа ‘услуга’ ќе може да се обезбеди бесплатно од природата“, додава Сековски.

    СЕ МНОЖАТ АВТОХТОНИТЕ РИБИ

    Најновите сознанија откриваат многу е поповолна ситуација и во  однос на популациите на рибите. Се забележува зголемување на уделот на автохтоните видови на риби на сметка на воведените (алохтони), коишто само пред неколку години беа застапени во многу поголем процент. Според стручните лица, тоа во голема мера се должи на спроведените мерки и обновувањето на природните услови за живот во езерото.

    Дека до пред десетина години состојбата со езерската вода беше катастрофална покажува и долгогодишното истражување на битолскиот биолог д-р Никола Христовски. Тој заклучил дека климатските промени, намалениот водостој и загадувањето го зголемувале бројот на паразити и концентрации на токсини и тешки метали во органите на рибите. Прегледал над 6.500 примероци на риби, најмногу во Преспанското и Охридското Езеро, а помал број во Дојранското и вештачките акумулации. Имало случаи да пронајде и по 700 единки од паразит во еден домаќин.

    „При истражувањата констатирав дека паразитофауната е променлива во однос на еколошките фактори. Ако има поголемо загадување доаѓа до промена на квалитативниот  и квантитативниот состав на паразитофауната по видови на пооделни паразити и делови од телото на рибите каде што се концентрираат големи количини на токсини и тешки метали, како што се во црниот дроб, мозокот, бубрезите, шкргите, кожата“, вели д-р Христовски.

    Во 1970-те години од тешките метали заблежал заголемени концентрации на жива и хром кај рибите. Паразитите ги ослабнувале и исцрпуваат рибите. Сепак, поради термичката обработка при користењето во исхраната не се опасни за луѓето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира