СКОПСКАТА ЧАРШИЈА ОДАМНА ГО НЕМА ИЗГЛЕДОТ КАКО ПРЕД 500 ГОДИНИ, ТРАВЕРТИН СЕ ВАДИ, ТРАВЕРТИН СЕ СТАВА, ВЕЛАТ КОНЗЕРВАТОРИТЕ

СКОПСКАТА ЧАРШИЈА ОДАМНА ГО НЕМА ИЗГЛЕДОТ КАКО ПРЕД 500 ГОДИНИ, ТРАВЕРТИН СЕ ВАДИ, ТРАВЕРТИН СЕ СТАВА, ВЕЛАТ КОНЗЕРВАТОРИТЕВо минатото, во скопската Стара Чаршија во неколку наврати се вршеле градежни работи за менување на плочникот поради оштетување, но и поставување на комунална инфраструктура. (Фото: Ѓ. Личовски)

Во средината на 19. век, српскиот политичар и историчар Стојан Новаковиќ ја опишал скопска Стара чаршија како „склоп тесни и криви улички со многу трговско-занаетчиски продавници и дуќани. Улиците биле покриени со штици, а дуќаните со ќепенци. Чаршијата е долга и има повеќе напречни улици, исто така покриени“. Подоцна улиците во Чаршијата се обложени со неправилни некршени камења или калдрма и формирани тротоари пред дуќаните.

Оваа слика или калдрмата од турско време одамна ја нема во скопската Стара чаршија. Од Националната устанва Конзерваторски центар – Скопје велат дека реакциите во јавноста дека се менува автентичноста на старото градско јадро откако минатиот месец почнаа градежни работи на улицата Битпазарска, се сосема неосновани и неиздржани.

Дуќанџиите велат дека на улицата Битпазарска ѝ била потребна реконструкција бидејќи била со дупки и оштетен травертин. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Не станува збор за поплочена улица од турскиот период стара 500 години. Колективната меморија на корисниците на Чаршијата ја препознава истата како Чаршија покриена со травертински плочи. Травертин се вади, травертин се поставува. Во минатото, во неколку наврати се вршеле градежни работи за менување на плочникот поради оштетување, но и поставување на комунална инфраструктура“, вели Коле Чапкановски, директор на Конзерваторскиот центар – Скопје.

Според податоците на Конзерваторскиот центар – Скопје, ликот на Чаршијата се менува во текот на 1970-тите и 1980-тите години, кога постепено и континуирано се вршела делумна ревитализација. Притоа, извршена е промена на постојната калдрма со травертински плочи, кои во зависност од периодот на поставување на некои улици биле со неправилни, а на некои со правилни форми. Притоа, природниот пад на улиците е заменет со нивелирање на одните површини и појава на скали на одредени места во Чаршијата.

„Со текот на времето, а за потребите на корисниците на Чаршијата извршено е поставување на целосна инфраструктура, водовод, канализација, електрична мрежа и телефонија, при што комплетно е деградирана подната подлога. Дополнителна деградација настанува секојдневно со одржувањето на наведената инфраструктура и отстранувањето на дефекти на истата. Друг сериозен проблем е моторниот сообраќај во скопската Стара чаршија, кој иако е со режим, сепак  предизвикува оштетувања на одната површина во форма на напукнување, дробење и изместување на травертинските плочи“, објаснува Чапкановски.

Градежните работи на улицата Битпазарска почнаа минатиот месец и се одвиваат со грант од Светска банка во висина од 600.000 евра. (Фото: Ѓ. Личовски)

Од Конзерваторскиот центар велат дека проектот, чија реализација е во тек, е регулиран по сите законски позитивни прописи. Издадено е одобрение од Управата за заштита на културното наследство, Општина Чаир до Конзерваторскиот центар доставила проект запазувајки ги сите регулативи и направена е стручна контрола на проектот од стручен тим на Конзерваторски центар  – Скопје и извештајот е доставен со Управата.

„Видов многу текстови по однос на оваа тема. Заради низа инфраструктурни зафати, поставениот травертин беше во очајна состојба и се однесува на улица Битпазарска како главен транзитен коридор во скопската Стара чаршија. Второ, невозможно е да се постави истиот од причина што истиот е ваден со помош на механизација. Се работи за подна подлога т. е. улица која од архитектонска смисла е менлива категорија. Калдрмата е реконструирана во текот на 1980-тите години после земјотресот и тогаш е опфатена целата Скопска чаршија. Голем дел од уличките беа поплочени со коцка, а дел на земјена подлога со штици и даски. Битпазарска во добар дел беше несоодветно поплочена, а за тоа најдобар показател се извадениот речен камен со кој набрзина беше поплочена улицата како и несоодветна подлога заради посетата на Јосип Броз Тито на Скопје и Старата чаршија.“, вели Чапкановски.

Ликот на Чаршијата се менува во текот на 1970-тите и 1980-тите години, кога постепено и континуирано се вршела делумна ревитализација. Притоа, извршена е промена на постојната калдрма со травертински плочи, кои во зависност од периодот на поставување на некои улици биле со неправилни, а на некои со правилни форми. (Фото: Ѓ. Личовски)

Дуќанџиите на улицата Битпазарска велат дека уште одамна било потребно да се реконструира оваа улица, а тоа им било најавено дури и од минатиот градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити.

„Камењата беа целосно уништени, дупки имаше на секој чекор. При најмал дожд се создаваа вирови. Овој дел од Чаршијата беше целосно уништен, другите улици беа реновирани, но оваа остана. Уште лани ние дуканџиите имавме состанок со градоначалникот Висар Ганиу, на кој ни најави дека ќе се одвиваат градежни работи“, ни рекоа дел од дуќанџиите во Чаршијата.

Од Конзерваторскиот центар велат дека проектот, чија реализација е во тек, е регулиран по сите законски позитивни прописи. Издадено е одобрение од Управата за заштита на културното наследство, Општина Чаир до Конзерваторскиот центар доставила проект запазувајки ги сите регулативи и направена е стручна контрола на проектот од стручен тим на Конзерваторски центар – Скопје и извештајот е доставен со Управата. (Фото: Ѓ. Личовски)

Проектот за реконструкција на улицата Битпазарска е финансиран од Светска банка, со грант од 600.000 евра.

„Градежните активности во скопската Стара чаршија не се во насока да се измени автентичноста на Чаршијата, туку да се замени оштетениот камен травертин со ист таков камен, да се задржи автентичноста и да се создадат подобри услови и за занаетчиите и за туристите, вели градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.

А. АНТЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира