Драги мои,
Овие денови се преслушуваме, каде бевме, до каде стигнавме. Насловот на ова последно издание на „Сакам да кажам“ за оваа година е изваден од поднасловот на колумната објавена на 18 ноември. Во продолжение ги извадив сите поднаслови од колумните објавени од 7 јануари до 23 декември оваа година. Како што ќе забележите, многу често се навраќам на истите теми. Не само за годинава што си оди, туку и за последните триесет години.
Да се надеваме дека идната година животот ќе ни отвори нови теми. Пругата за Софија може да почека, оти тој правец кон ЕУ сè уште не ми е за верување, ама ако ништо друго, барем да не пишуваме пак за патот до Охрид.
Да сте ми живи и здрави. Уживајте во празниците.
- Што да мислам за годината која почна со жестоки кавги за Тома и за Ноле?
 - Земја-членка на НАТО се доведе во ситуација не само политичката, туку енергетската, а со тоа и економската стабилност да ѝ зависи од фирма во чиј надзорен одбор седат руски бизнисмени.
 - Не се мамиме веќе ние на сигнали од Бугарија. Само еден е добриот сигнал – нека го симне ветото за Македонија.
 - Ако не почнеме да преговараме за време на српското претседателство со ЕУ, тогаш сигурно првата меѓувладина конференција ќе биде за време на црногорското претседателство.
 - Светот за којшто сонувал Гоце Делчев едноставно – не постои.
 - Владата ја покачи платата на работниците. Сега треба и на неработниците.
 - Невиното мавтање на бугарскиот европратеник Џамбаски не е нацистички поздрав. Тоа е административен поздрав. Така мавтале администраторите на Македонија од 1941 до 1943 година.
 - Путин ги казнува Украинците дека не се Руси. Радев ги казнува Македонците дека не се Бугари. А ЕУ? ЕУ е „длабоко загрижена“.
 - Си има ред во ЕУ. Прво Гоце Делчев, па после Украина.
 - Америка да нè брани, ама Путин да нè води.
 - Кога Владата ќе рече дека јавната администрација треба да штеди, станува појасно колку расипнички троши.
 - Ние сме одлучиле. Прашање е дали ЕУ одлучила Македонија да влезе во ЕУ. Или ќе нè остави на Русија?
 - Малку мака си имаме што за нам да ни одобрат европска иднина треба да решиме чиј е цар Самоил, па сега уште да се секираме и за европската иднина на Европејците, да не ги подели Русија.
 - Ех, кога би можеле вработените во приватните фирми да организираат еден контраштрајк и барем еден месец да не ги плаќаат придонесите за платите на државната администрација. Ама државата не се секира за даночните обврзници, со нив не преговара и не ги тинтра.
 - Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи.
 - Следниот услов ќе биде – ај не претерувајте со антифашизмот ако сакате да влезете во ЕУ.
 - Која приватна компанија може да издржи производство на 20.000 шкарт производи?
 - Како запнал Мицкоски за предвремени избори, чиниш Груевски веќе купил карта за враќање од азилот во Будимпешта.
 - ЕУ Вистинска и ЕУ од Али експрес. Маседоан ди Норд, зеро пуа.
 - Не знаеш кој е поненормален. Дали Бугарите што бараат од Македонците да им докажат дека постојат, или Македонците што влегуваат во процес на докажување дека постојат.
 - Со што да ја уценуваме власта ние од приватните фирми ако не ни се покачат платите?
 - Ионака сите дремете на Фејсбук, читајте дека премиерот има план.
 - Си го губиме времето со Бугарија. А од нив можеме да научиме само како да украдеме милијарда евра од пристапните фондови на ЕУ.
 - Путин така вика, ама Путин не е Радев.
 - ЕУ сериозно сфаќа дека Бугарија сака Македонците да станат Бугари.
 - Дали нашава власт побарала гаранција од другите земји-членки на ЕУ дека во иднина нема да бидат соучесници на малтретирањето од Бугарија?
 - Наместо да обезбеди стабилизација, ЕУ преку Бугарија ја дестабилизира Македонија.
 - Ама зошто, по ѓаволите, вие таму во ЕУ воопшто прифативте отворање муабет за нашето постоење и за постоењето на нашиот македонски јазик?
 - Да сме сега некои граѓани, па да ја затрупаме нашата „контакт точка“ – македонското Министерство за надворешни работи со барем еден милион поплаки за говор на омраза од Бугарија кон македонскиот јазик.
 - Ајде да си го вратиме празникот. Да ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
 - Само со хумор тешко се преживува Македонија. За оваа болест потребна е потешка терапија.
 - Кое фајде од даночната реформа ќе имаат граѓаните во држава каде важи правилото: За криминалците амнестии и продолжен одмор во Струга, за партиските ајдуци тендери, а за компаниите и чесните граѓани – даноци.
 - Едно општество за сите не значи дека државата треба да биде фер за сите, освен за тие што плаќаат данок.
 - Не треба да штедиме струја. Не може државата да ги казнува чесните плаќачи поради нечесните неплаќачи. Само полицијата нека ги фати крадците и – нема зима.
 - Еден пороен дожд од неполн половина час во главниот град покажа колку голема лага е терминот „инвеститори“ во градежништвото чии интереси ги брани секоја локална, а и државна власт од 1991 досега.
 - Ако алтернативата за неспособноста на СДСМ и самоволието на ДУИ е ова ВМРО-ДПМНЕ засилено со Левица, тогаш црно ни се пишува. Спас од сите нив треба да се бара.
 - Ако не можеме да крадеме, ќе си одиме.
 - Во криза прво децата да ги жртвуваме. Тие нека седат дома, а јавната администрација нека се грее по канцеларии.
 - Нѐ чека тешка зима, ковид кризата уште не е замината, цените растат, Путин се заканува со нуклеарна катастрофа, а нам стабилноста на државата ни зависи од партиски тепачки за пари.
 - Мирно и достоинствено да го изедначиме фашизмот со антифашизмот.
 - Американците решија да ни ги реновираат и спомениците од Втората светска војна. Изгледа дека тие имаат повеќе свест за значењето што антифашизмот го има за нашата држава отколку сите наши власти заедно.
 - Дај им пари. И не чепкај ги копчињата.
 - Ние ја градиме пругата, пругата нѐ гради нас.
 - Партизаните во гроб ни се превртуват со толкава брзина што можеме струја да произведуваме.
 - Кого да го викнеме да го менува системот за кој премиерот сфатил дека не чини? Новата американска амбасадорка ли?
 - Нек’ дојде живот.
 - Со помош на Јапонија, Македонија доби и вселенска програма.
 - Нема ние да го вратиме Груевски.
 - Тежок им е животот на функционерите со ваков народ што ги корумпира.
 - Во оваа држава се казнети само даночните обврзници што редовно си ги плаќаат даноците и казните.-
 - Дали крадат во име на македонштината или во име на ЕУ интеграциите, исто ни се фаќа.
 

                                    
                                    

