РОМАНТИЧНА ПОЕЗИЈА

Има алтернатива што нема кој да ја понуди - алтернативата е чесно владеење.

РОМАНТИЧНА ПОЕЗИЈА

1 Премиерот Димитар Ковачевски вели дека предлогот за менување на Уставот има само еден мотив: влез во ЕУ. Не е дека ја открива Америка кога вели дека „тоа го бара и го очекува огромното мнозинство граѓани во државата“. Така е. Но, огромното мнозинство очекува власта да не ја крие својата неспособност и нечесност зад ЕУ.

Не можам веќе да ги слушам претставниците на власта како ми читаат романтична поезија за ЕУ. Сите сме за ЕУ. Триесет години мечтаеме за ЕУ. Цел работен век ми помина борејќи се за ЕУ. Останав да живеам во Македонија затоа што верував дека некој ден, ако не јас, тогаш моите деца ќе живеат во ЕУ, а ќе си бидат дома. Никогаш не сум ѝ се лутел на ЕУ кога нè карала за корупција, судство, здравство, екологија, администрација, човекови права, пазарна економија, царина, полиција, медиуми… И цело време се однесувам по ЕУ стандарди дури и пред да станеме кандидат за ЕУ – плаќам данок и придонеси за пензиско и здравствено, плаќам казни за сообраќајни прекршоци, редовно си плаќам струја, вода, комуналии, не фрлам ѓубре на улица, не плукам на тротоар, не паркирам на места за инвалиди, не паркирам на трета лента на булевар за да си ја гледам колата кога пијам кафе, почитувам различности, и национални и верски и сексуални, почитувам право на самоопределување, ги поздравувам комшиите, не веам знамиња на туѓи држави, стојам мирно на државната химна…

И навистина, многу ми создава мачнина кога ја слушам и нашата власт, а и претставниците на ЕУ, со каква леснотија ни кажуваат дека добрата иднина ни зависи од промената на Уставот.

2 Што ли си мислат премиерот, вицепремиерите, министрите кога ќе се објават на слика со некој странски амбасадор и во објавата ќе стават дека „граѓаните сакаат правна држава“? Синким, некој им бранеше да направат правна држава и досега. Синким, некој ќе им брани да направат правна држава и со и без Бугари во Уставот.

Што? Нема да имаме правна држава додека чекаме да влеземе во ЕУ?

Па уште, како да сме малоумни, ни пишуваат: Нема алтернатива за ЕУ. Божем некој ќе го откорне ова парче земја на Балканот и ќе го пренесе од Европа на Сибир.

Не е дека нема алтернатива. Има алтернатива што нема кој да ја понуди. Алтернативата е чесно владеење. А не дури и сега, кога е дојден ножот до коска, па нè плашат со изолација и ни викаат дека е историски момент и дека сега му е мајката да се искористи последната шанса, тие не престануваат со товарење на сè што може да се товари. Оти, ниту една шанса за товарење не смее да биде последна и да се пропушти, особено сега кога се ближи крај на мандатот.

И тука да ја затвориме темата – има или нема алтернатива.

3 Оваа власт имаше историска шанса по 11 години злосторничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ да ја донесе таа алтернатива. Со каков ентузијазам беа донесени на власт, со каков силен бран на поддршка од граѓаните, со каква надеж, сега ќе биде добро, ги тргнавме ајдуците… Еве, да не дебатираме кој колку бил учен и способен, тоа е кадарот што е останат по партиите. Ама барем да беа чесни. За жал не најдоа предизвик за добро и чесно владеење.

И сега, премиерот Ковачевски ни вели дека треба да се смени Уставот затоа што младите се селат од државата. Па, нормално е дека ќе се селат. Да не чекаат случајно на вас, прво да ги исполните партиските квоти? И за вработувања и за бизниси. Се селат затоа што наместо да испорачате правда за сите, испорачавте крадење и неказнивост. Се селат затоа што тука нема предвидливост, не можат да си го планираат животот ако не се врзани за партија. Се селат затоа што не сте им обезбедиле добра држава, а не затоа што не сме во ЕУ.

Подобрата иднина ни зависи од добро владеење, а не од тоа дали ќе го смениме Уставот, или не.

Конечно, зошто сите ние би биле одговорни ако не поминат уставните измени и Македонија не ги почне преговорите со ЕУ? Ако треба да ја споделиме одговорноста со власта што ветила нешто  што не може да го исполни, тогаш ај да си ги поделиме и парите од провизиите за тендерите и јавните набавки со непосредни спогодби и профитите од фирмите направени додека се на власт.  Не може само одговорност да делиме. Ако делиме, сè да делиме.

Стварно, зошто сме ние одговорни? Дека не сме Бугари?  Дека сме се разочарале од ЕУ која речиси осумдесет години по победата над фашизмот, среде цивилизираната Европа во 21 век ја прифати целосно нецивилизираната дискусија што биле Македонците пред да бидат Македонци, па уште ја стави и во преговарачка рамка? Или треба да сме одговорни затоа што немаме доверба во нашите политички елити, и во власта и во опозицијата, што 30 години не успеаја да ја донесат ЕУ дома, барем во однесувањето, ако не во стандардот.

Нивна е одговорноста. Нашата одговорност заврши во моментот кога сме ги бирале на избори.

АУДИО ПОДКАСТ

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира