Трофејот на Светското првенство пристигна во Аргентина по 36 години пауза откако Лео Меси и друштвото утрово се вратија дома. Тие беа пречекани од воодушевените фанови на аеродромот во Буенос Аирес, додека владата го прогласи денешниот ден за национален празник.
Фудбалерите прво ќе останат во седиштето на Аргентинската фудбалска федерација, а главната прослава е попладнево од 16 часот кај Обелискот во центарот на главниот град, каде што се очекува да се соберат стотици илјади луѓе.
„Денешниот ден ќе биде национален празник за да можат луѓето да ја споделат својата радост со националниот тим“, соопшти владата.
Во неделното финале, Аргентина ја совлада Франција на пенали и по третпат стана светски шампион.