Борис Бекер е принуден да ги продаде дури и своите трофеи од Вимблдон, за да се извлече од долговите, кои изнесуваат околу 60 милиони евра, јавуваат германските магазини „Штерн“ и „Бунте“.
Германската тениска легенда прогласи банкрот пред три месеци поради долг кон една банка од 3,5 милиони евра, за потоа негов поранешен бизнис партнер од Швајцарија да го тужи за 35 милиони евра.
„Борис под итно мора да најде кеш и продавањето на драгоцените трофеи му се чини како најбрз начин. Тој сфатил дека времето на сентименталност е поминато“, изјави извор близок до Бекер.
За трите сребрени реплики на трофејот од Вимблдон, освоени во 80-ите години, Бекер очекувал да добие над еден милион евра.
Лошите инвестиции, разводот и една секс-афера доведоа до финансиската пропаст на Бекер. Првата сопруга Барбара му зеде 15 милиони евра, а три милиони евра плати откако забремени една руска манекенка.