ЕЛИУД КИПЧОГЕ СТАНА ПРВ ЧОВЕК ВО ИСТОРИЈАТА КОЈ ИСТРЧАЛ МАРАТОН ЗА ПОМАЛКУ ОД ДВА ЧАСА

    ЕЛИУД КИПЧОГЕ СТАНА ПРВ ЧОВЕК ВО ИСТОРИЈАТА КОЈ ИСТРЧАЛ МАРАТОН ЗА ПОМАЛКУ ОД ДВА ЧАСАКипчоге во целта имаше време од еден час, 59 минути и 40 секунди (Фото: Ројтерс)

    Елиуд Кипчоге стана прв човек во историјата кој успеал да истрча маратон за помалку од два часа, спуштајќи се за 20 секунди под магичната бариера.

    Триесет и четиригодишниот Кениец испиша историја на трката „Инеос 1:59 челенџ“ во Виена, каде што делницата од 42,2 километра ја истрча за време од еден час, 59 минути и 40 секунди. Ова нема да биде признато како нов светски рекорд во маратон, бидејќи резултатот не е остварен на отворено натпреварување и на Кипчоге му помагаше тим од 40-ина пејсмејкери, вклучувајќи некои од најдобрите светски тркачи на средни и долги патеки.

    Актуелниот олимписки првак во маратон првпат се обиде да го изведе ова во 2017 година во Монца, но тогаш не успеа за 26 секунди.

    На Кипчоге му помагаше тим од 40-ина пејсмејкери (Фото: Ројтерс)

    Кипчоге постојано беше бодрен од илјадници гледачи додека трчаше четири круга околу виенскиот парк Пратер, а преносот на Јутјуб го следеа 450.000 луѓе.  Тој цело време беше во рамките на рекордот, трчајќи еден километар за две минути и 50 секунди и никогаш не беше побавен од 2:52.

    „Се чувствувам добро. Беа потребни 65 години за човек да испише историја, односно откако Роџер Банистер прв истрча една милја за помалку од четири минути. Среќен сум што сум прв човек во историјата кој истрчал маратон за помалку од два часа. Ниту еден човек нема ограничувања и очекувам повеќе луѓе да го направат ова во иднина. Сакам да им се заблагодарам на сите кои помогнаа. Денеска сите заедно испишавме историја“, изјави Кипчоге, кој во целта беше пречекан од сопругата Грејс.

    Кипчоге се појави на светската атлетска сцена во 2002 година и на само 19 години стана светски првак во маратон. Од Олимписки игри има и бронза (Атина) и сребро (Пекинг) и злато (Рио де Жанеиро), а тој е и официјален светски рекордер во маратон, со време од 2:01:39 часови, остварен лани во Берлин.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира