Илјадници граѓани се собраа на Плоштадот Македонија за пречекот на европските шампиони, ракометарите на Вардар, кои денеска се вратија од Келн. Откако слетаа на аеродромот „Александар Велики“ нешто пред пладне, каде, исто така, беа пречекани од навивачи, ракометарите со отворен автобус пристигнаа на Плоштадот Македонија. На бината за пречекот, секој од нив ја поздрави публиката, пред заеднички да го прослават триумфот со шампионскиот пехар.
Вардар во неделата го победи Пари Сен Жермен со 24:23 во финалето на фајнл форот од Лигата на шампиони во Келн со голот на Иван Чупиќ во последната секунда. Претходно, во полуфиналето на сличен начин ја победија Барселона. За Вардар и воопшто за машкиот клупски ракомет, ова беше прва титула европски шампион.