ФК ЉУБОТЕН ДОБИ СЕРТИФИКАТ ДЕКА Е 22. НАЈСТАР ФУДБАЛСКИ КЛУБ НА СВЕТОТ

    ФК ЉУБОТЕН ДОБИ СЕРТИФИКАТ ДЕКА Е 22. НАЈСТАР ФУДБАЛСКИ КЛУБ НА СВЕТОТФК Љуботен со гордост ја истакнува потврдата за прием во Клубот на пионери на фудбалот, што ја доделува најстариот фудбалски клуб на светот, англиски Шефилд (Фото: СДК.МК)

    Фудбалскиот клуб Љуботен од Тетово на 28 март наполни 100 години од формирањето, а деновиве и официјално беше признат како 22. најстар фудбалски клуб во светот.

    Ова признание го доделува англиски Шефилд, кој важи за прв фудбалски клуб на светот, формиран во 1857 година. Во ова друштво влегуваат сите клубови кои наполниле 100 години и, што е најважно, кои континуирано работат и немале прекин во постоењето.

    Љуботен е единствен клуб од Балканот и Источна Европа кој без прекин постои 100 години (Фото: СДК.МК)

    „Ниту еден спортски клуб, спортско здружение или асоцијација од Македонија досега го нема постигнато ова, без прекин да постои и работи цел еден век. За нашите историја и постоење добивме и светска потврда и бевме примени во Клубот на пионери на фудбалот. Ова здружение е организирано од фудбалскиот клуб Шефилд, кој се смета за најстар фудбалски клуб на светот и како таков е признат и од ФИФА. Овде членува секој клуб кој ќе наполни 100 години и кој има непрекинат континуитет на постоење од формирањето до денес. Со гордост кажуваме дека сме единствен клуб од Балканот и Источна Европа кој е влезен во ова елитно здружение. Нѐ има и на страната на Википедија, ‘Club of Pioneers‘. Знаеме дека на овие простори имало клубови формирани и пред 1919 годиана, но тие со тек на време престанале со работа или имале прекин во постоењето. ФК Љуботен непрекинато работи цели 100 години“, вели Дејан Савески, член на Управниот одбор на ФК Љуботен и негов играч.

    ФК Љуботен бил формиран од група тетовски гимназијалци на 28 март 1919 (Фото: СДК.МК)

    По завршувањето на Првата светска војна и смирувањето на состојбите, тетовските младинци почнале да се интересираат и за други работи, особено за спортот. Тоа придонесло да се формира фудбалски клуб во кој младите ќе спортуваат и ќе играат фудбал, спорт кој сè повеќе го освојувал светот.

    „ФК Љуботен е формиран на 28 март 1919 година од група тетовски гимназијалци. Тогаш имало некое културно-младинско друштво или здружение со фолклорна и со драмска секција. На страна од еден документ, на неговата маргина, со молив било напишано дека се формира фудбалски клуб, поточно фудбалска секција. Отпрвин клубот немал име, туку се викале само ‘Тетовско младинско друштво‘. Потоа машките се собрале и се договориле клубот да се вика Љуботен. Тогаш мислеле дека тоа е највисок врв на Шар Планина, кој бил симбол на Тетово, но и на Македонија. За прв претседател на клубот бил избран Јован Марковски, познат и како Доктор, бидејќи студирал медицина, но не ја завршил. Тој умрел на длабока старост, на 95 и повеќе години. Во јули 1922 година било одржано и првото клупско собрание, а во првиот управен одбор биле Симо Момировски, Никола Павловски-Бутика, Стеван Јовановски, Момчило Ќириќ, Александар-Цане Поповски и Крсто Димитриевиќ. Еден од претседателите на клубот, Нико Гогов, во 1936 година откупил земјиште од ИВЗ и му го подарил на клубот, а во 1938 го изградил стадионот на ФК Љуботен. Клубот бил расадник на таленти, но и на млади револуционери, кои активно ќе се вклучат во борбите за ослободување на Македонија во Втората светска војна. Од редовите на ФК Љуботен директно во партизани заминале народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Гоце Стојчевски-Амбарче, првоборците Иљо Антески-Смок, Радован Цониќ, Мурат Бафтијари и други кои ги дадоа своите млади животи за слободата на Македонија. Во ФК Љуботен луѓето никогаш не се делеле по верска и национална основа. Сите љуботенци имаат само една вера, ФК Љуботен и една нација, сината боја, како симбол на синото небо над врвот Љуботен, истото небо под кое живееме заедно, симбол на младоста, непокорот и на спортскиот дух“, раскажува Мирко Видоевски, секретар на клубот и негов хроничар.

    Спортската историја на ФК Љуботен не била ни малку лесна. Клубот имал подеми, но и големи падови. Се натпреварувал во Првата југословенска лига, но и малку недостасувало целосно да пропадне и да се затвори поради немање парични средства. И денес состојбата е мошне тешка.

    „ФК Љуботен сега игра во Третата македонска лига – Запад. Нашите амбиции се клубот да продолжи да опстојува и ако се подобрат условите за работа, секако да одиме и ранг погоре. Мотивот за ова сега е уште поголем, бидејќи опстоивме 100 години и ќе се трудиме оваа традиција да ја продолжиме. Работиме во крајно мизерни услови, а помош немаме од никого, ниту од Општината, ниту од државата. Еве, сите знаат за нашиот јубилеј и за признанието кое го добивме, но никој не се стори да ни честита, ни од Владата, ни од Агенција за млади и спорт, ни од Фудбалската федерација на Македонија“, вели Савески.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари