ФУДБАЛ И КОШАРКА ВИКЕНДОВ ПРЕД ПРАЗНИ ТРИБИНИ, ВАРДАР ОДЛУЧИ ДА ИГРА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ СО ПУБЛИКА

    ФУДБАЛ И КОШАРКА ВИКЕНДОВ ПРЕД ПРАЗНИ ТРИБИНИ, ВАРДАР ОДЛУЧИ ДА ИГРА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ СО ПУБЛИКАЕвропскиот првак смета дека е доцна за каква било промена зашто станува збор за меѓународна средба (Фото: СДК.МК)

    Првенствените фудбалски натпревари викендов ќе се играат пред празни трибини, додека европскиот првак Вардар одлучи да го нагости Монпелје во Лигата на шампионите во присуство на гледачи.

    Со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, Владата денеска препорача спортските натпревари да се играат без гледачи до 6 март, што беше прифатено од Фудбалската федерација на Македонија и од Македонската кошаркарска федерација.

    За разлика од нив, управата на РК Вардар донесе поинаква одлука.

    „Ги известуваме сите кои купиле билети за натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Вардар и Монпелје, закажан за сабота во СЦ ‘Јане Сандански‘, дека мечот ќе се игра во присуство на публика. Одлуката е донесена, пред сѐ, поради краткиот период за каква било промена, со оглед на тоа што станува збор за меѓународна средба која е одамна закажана, а и екипата на Монпелје е веќе пристигната во Скопје. Препорака е да не се водат мали деца на натпреварот“, објави Вардар.

    Во исто време, мечевите од 21. коло на Првата фудбалска лига и од 15. коло на Втората лига ќе се играат пред празни трибини. Без ривалските навивачки групи ќе помине и најголемото кошаркарско дерби МЗТ Скопје-Работнички.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира