ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ ПРЕСПА СЛАВИ 100 ГОДИНИ, А ИМА СÈ ПОМАЛКУ ПАРИ ЗА ОПСТАНОК

    ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ ПРЕСПА СЛАВИ 100 ГОДИНИ, А ИМА СÈ ПОМАЛКУ ПАРИ ЗА ОПСТАНОК„Преспа“ денес се натпреварува во Третата лига-југозапад, а своевремено бил еден од најдобрите клубови од Македонија (Фото: ПреспаИнфо)

    Еден од најстарите фудбалски клубови во земјава, „Преспа“, годинава слави еден век постоење, а пари за опстанок има сѐ помалку. Клубот сега се натпреварува во Третата лига-југозапад, а долги години бил во втората лига, дури и во Првата македонска лига во рамките на поранешната држава. „Преспа“, која 100 години е носител на спортскиот живот во Ресен, oпстојува со играчи кои не се професионално вработени и со дресови донирани од Германија.

    „Ситуацијата е критична. Недостигнаат средства. По наше кажано, многу мајки, килаво дете. Сите ветуваат, но никој не дава. За опрема имаме спонзори од Германија. Поранешен градоначалник на општина во Дортмунд секоја година ни носи дресови. Во последните седум години додека бев претседател на управата на клубот, буџетот ни беше 10.000 евра годишно, што не е некоја сума што не може да се собере“, вели Јованчо Рајчановски.

    Клубот е основан на 12 јули 1919, а иницијатори биле занаетчии, трговци, учители, како и млади ресенци кои се школувале во европските метрополи

    Сегашниот претседател Зоран Милевски вели дека моменталната состојба во ФК „Преспа“ не е ни лоша, ни добра.

    „Со помош на одредени луѓе и на Општината, клубот никогаш не бил оставен на милост и немилост. Со наш ангажман и на дел од градоначалниците успеваме клубот да опстои и да се натпреварува. Ресен е мало место, има три-четири големи фирми и тие помагаат на периоди“, рече Милевски.

    Клубот со години ги собира и тренира младите таленти од Преспа. Под покровителство на ФК „Преспа“, опстојува и пионерска школа со над 40 деца.

    Историјата на клубот почнала на 12 јули 1919, на Петровден, на ледината зад ресенскиот Сарај на Нијази беј. За противник „Преспа“ го имала тимот на воениот гарнизон, сместен во Ресен и победил со 2:0. Оттогаш, како традиција, сите главни мечеви со тимови од соседните градови се одигрувале токму на овој верски празник, со топка од внатрешна гума, која ја донел учител од Белград.

    Првите иницијатори за заживување на фудбалската игра во Ресен биле занаетчии, трговци и учители дојдени од поголемите градови на некогашна Југославија, како и офицери и ресенски студенти, кои се школувале во европските метрополи Прага, Виена, Грац, Атина, Софија…

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира