Новак Ѓоковиќ триумфираше на Отвореното првенство на САД и го израмни апсолутниот тениски рекорд на Маргарет Корт од 24 освоени гренд слем титули. Во финалето во Њујорк, Ѓоковиќ го совлада Данил Медведев со 6:3, 7:6, 6:3 и од денеска повторно ќе биде светски рекет број еден.
„Очигледно, ова ми значи сѐ на светот. Го живеам детскиот сон да се натпреварувам на највисокото ниво во овој спорт. Никогаш не мислев дека ќе бидам тука, но во последните неколку години мислев дека имам историска шанса. Зошто да не ја зграпчам ако ми се нуди?“, кажа Ѓоковиќ, кој ја освои првата гренд слем титула во 2008 година во Австралија.
Тој во почетокот на оваа година го надмина машкиот рекорд од 22 гренд слем титули што го држеше Рафаел Надал и потоа во финалето на Вимблдон ја испушти првата шанса да ја достигне Корт. Сега 81-годишната австралиска тенисерка освои 24 гренд слем титули во периодот од 1960 до 1973, заокружувајќи го рекордот токму на Ју-Ес опен.
По победата во финалето, Ѓоковиќ му оддаде почит на Коби Брајант, облекувајќи сина маица на која пишуваше „Мамба засекогаш“.