ИВАН РАДЕВ СЕ СПРЕМА ЗА УЛТРАМАРАТОНОТ ВО КОРТИНА Д’АМПЕЦО ОД 120 КИЛОМЕТРИ, ЌЕ БИДЕ ЕДИНСТВЕНИОТ УЧЕСНИК ОД МАКЕДОНИЈА

    ИВАН РАДЕВ СЕ СПРЕМА ЗА УЛТРАМАРАТОНОТ ВО КОРТИНА Д’АМПЕЦО ОД 120 КИЛОМЕТРИ, ЌЕ БИДЕ ЕДИНСТВЕНИОТ УЧЕСНИК ОД МАКЕДОНИЈАРадев вели дека ќе биде задоволен ако трката ја помине за 15-16 часа (Фото: СДК.МК)

    Штипскиот ултрамаратонец Иван Радев, кој неодамна победи на трката на Галичица во должина од 107 километри, се подготвува за следниот меѓународен ултрамаратон, што ќе се трча во Кортина Д’Ампецо (Италија), во должина од 120 километри и со качувања до 6.000 метри.

    За оваа врвна трка аплицирале над 18.000 тркачи од целиот свет, но организатoрот прави посебна селекција врз основа на разни критериуми, па списокот на учесници е сведен на 1.400. Меѓу нив се најде и Радев, кој ќе биде единствениот тркач од Македонија.

    „Стартот е на 23 јуни, но морам да бидам таму порано за да имам време да се сместам, да се адаптирам и со неколку тренинзи да се прилагодам на патеката. Овде тренирам секој ден и трчам по минимум 20-30 километри. Големо искуство ми се досегашните маратони, посебно Галичица, но морам да кажам дека секоја патека има своја специфичност“, кажа Радев пред заминувањето и додава:

    „Лани кога првпат учествував на овој ултрамаратон, по 95 километри имав една неверојатна криза. Изгубив енергија и елан и морав да се откажам. Тоа е големо искуство и сега ќе се обидам да трчам потактички. Секој сака да победи, но оваа година, поучен од лани, моето основно мото ќе биде трката да се истрча жив и здрав“, вели Радев, кој е член на клубот „Трекс“.

    Според официјалната страница на ултрамаратонот во Кортина Д’Ампецо, ќе има неколку дисциплини, но главната атракција е трката на 120 километри. Дваесет и осумгодишниот Радев се смета за релативно млад учесник во однос на водечките светски имиња, кои се на возраст од 35 до 40 години.

    „Ќе бидам задоволен ако трката ја поминам за 15-16 часа“, кажа Радев, чиј следен предизвик е ултрамаратонот на Пирин, долг 160 километри.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира