ИВАНА ПРОЈКОВСКА ДЕНЕСКА СТАНУВА ПРВ МАКЕДОНСКИ СУДИЈА КОЈ ВОДЕЛ ФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКО ФУДБАЛСКО ПРВЕНСТВО

    ИВАНА ПРОЈКОВСКА ДЕНЕСКА СТАНУВА ПРВ МАКЕДОНСКИ СУДИЈА КОЈ ВОДЕЛ ФИНАЛЕ НА ЕВРОПСКО ФУДБАЛСКО ПРВЕНСТВОПројковска ќе го суди мечот Франција-Германија во финалето на ЕП за фудбалерки до 19 години (Фото: УЕФА)

    Македонската судијка Ивана Пројковска денеска (17 часот) ќе го води финалето на Европското првенство за фудбалерки до 19 години, чиј домаќин е Шкотска.

    Таа е прв судија од Македонија делегиран да суди финале на едно натпреварување под капата на УЕФА, а нејзини помошнички на дуелот помеѓу Франција и Германија во Пејзли ќе бидат судијки од Естонија, Романија и Словачка.

    УЕФА притоа потсети дека Стојан Илиевски во 1985 година го судел финалето на Европското првенство за фудбалери до 16 години во Будимпешта, но тогаш под знамето на Југославија.

    „Ова многу ми значи. Ние сме многу мала држава, така што ова значи многу за македонскиот женски фудбал. Се надевам дека ќе поставам пример што ќе го следат други жени“, вели Пројковска за сајтот на УЕФА.

    Таа додава дека е огромна чест да се води финале.

    „Ова е неверојатно нешто. Работевме напорно во текот на целата сезона и ова е шлаг на тортата“.

    Пројковска ја почна кариерата како фудбалерка, за потоа да ја прифати поканата од Фудбалската федерација на Македонија да се обучува за судијка.

    „Тоа што бев играч ми помага многу на теренот. Имам прегледност на играта и знам како реагираат и се движат играчите“, вели Пројковска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари