Многу пред да почне серијата голови на „Енфилд“, уследи уште едно големо промашување на Садио Мане, но место да му се извика, тренерот Јирген Клоп се сврте кон трибините и побара аплауз за Сенегалецот.
Имаше моменти во неговиот престој во Ливерпул кога скептици веруваа дека Клоп е способен да биде само тоа: преплатен чирлидер со заразна насмевка, чиј ентузијазам го надминува неговото стручно знаење.
Клоп одамна го демантираше тоа, а најновата потврда за неговата тренерска големина дојде вчеравечер, кога Ливерпул ја прегази Рома со 5:2 на првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, примајќи два гола во финишот.
Иако и натаму театрален, Клоп е многу повеќе од тренер кој знае да ја крене атмосферата. Тој покажа дека е и тренер на многу аспекти, генијален тактичар и врховен менаџер, кој успеа да му најде совршено место на Мохамед Салах во течниот напад на Ливерпул, на што се должи огромен дел од успесите на Ливерпул оваа сезона.
Пред да потпише за Ливерпул, Клоп и Салах имале приватен тричасовен разговор, при што зборувале за фудбал, семејство, живот и за разни обични теми. На Клоп сѐ му се допаднало кај Салах и тоа беше основа за овој среќен „брак“.
„Без сомнение, Салах во овој момент е најдобриот фудбалер на светот“, порача Клоп по натпреварот и продолжи во свој мотивирачки стил.
„Рома ќе мора да постигне три гола во реваншот, а ние не сме Барселона. Барса е еден од топ-3 тима во Европа и има освоено многу во минатото. Ние не сме и ќе се бориме со сѐ што имаме“, кажа Германецот.