Клубовите од Серија А го одбија предлогот на италијанскиот министер за спорт за прекин на првенството поради забрзаното ширење на коронавирусот во земјата, поради што 15 региони од денеска се во карантин.
Мечот Парма-СПАЛ почна со 75 минути задоцнување откако играчите биле известени дека се размислува за прекин на првенството. Тие се вратија во соблекувалните, но потоа сепак го одиграа натпреварот.
Министерот Винченцо Спадафора изјави дека го поддржува мислењето на претседателот на Унијата на италијанските фудбалери Дамијано Томаси, кој повика на суспензија на фудбалот во целата земја.
„Постои ризик за играчите и мора да преземеме мерки на претпазливост. Има играчи кои сакаат да играат, но има и такви кои се загрижени. Меѓу нив има и многу странски фудбалери, чии семејства се загрижени кога гледаат што се случува во Италија“, кажа Томаси.
Минатата недела, италијанската влада донесе одлука сите мечеви да се играат пред празни трибини до 3 април.