ЛЕГЕНДАРНИОТ ИТАЛИЈАНСКИ ФУДБАЛЕР ПАОЛО РОСИ ПОЧИНА НА 64 ГОДИНИ

    ЛЕГЕНДАРНИОТ ИТАЛИЈАНСКИ ФУДБАЛЕР ПАОЛО РОСИ ПОЧИНА НА 64 ГОДИНИРоси беше најдобриот играч и стрелец на Светското првенство во 1982 (Фото: Гети)

    Легендарниот италијански фудбалер Паоло Роси, кој ги предводеше „аѕурите“ до титулата на Светското првенство во 1982, почина на 64 години. Неговото семејство не ја откри причината за смртта, додека италијанските медиуми објавија дека долго време боледувал.

    Она што Марадона беше за Аргентина на Мундијалот во 1986, тоа беше Роси за Италија четири години порано во Шпанија. Тој беше најдобриот стрелец на првенството со шест гола, вклучувајќи го хет-трикот против фаворитот Бразил, а го постигна и првиот гол во финалната победа над Западна Германија од 3:1.

    Роси речиси го пропушти првенството, откако во 1980 доби тригодишна суспензија од фудбалот поради наводна вмешаност во скандал со местење натпревари, што тој го негираше. Казната потоа му беше намалена на две години и се врати на теренот два месеца пред почетокот на Мундијалот.

    Целата кариера ја помина во Италија, освојувајќи две титули во Серија А со Јувентус. Во 1982 година му беше доделена „Златна топка“ за најдобар фудбалер во Европа.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира