ЛЕКАР ОД КАВАДАРЦИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА ЈА ПРЕПЛИВА БРАНАТА ТУРИЈА, СТРУМИЧКО

    ЛЕКАР ОД КАВАДАРЦИ ЗА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА ЈА ПРЕПЛИВА БРАНАТА ТУРИЈА, СТРУМИЧКОСпецијалистот по спортска медицина Бошко Илиев за 2 часа и 36 минути исплива вкупно 6 километри од почетокот до крајот на браната Турија. (Фото: СДК.МК)

    55-годишниот лекар Бошко Илиев од Кавадарци по повод Денот на независноста на Македонија ја преплива брана Турија кај Струмичко. Специјалистот по спортска медицина оваа акумулација ја преплива за 2 часа и 36 минути, при што исплива вкупно 6 километри од почетокот до крајот на оваа брана. Станува збор за индивидуално, како што вели тој, маратонско пливање кое има за цел афирмација на убавините на земјава,  односно на природните и вештачките езера кои може да бидат погодни не само за туризам туку и за спортување.

    „Мојата цел е да докажам дека во земјава имаме навистина убави езера за кои треба да се грижиме и да не ги загадуваме. Тие можат да бидат погодни не само за туризам од аспект на риболовен и рекреативен, туку тие се погодни и за одржување на спортски настани на вода со добра организација. Го имам пливано Охрид, Дојран, езерото Тиквеш, Маврово, Берово, Мантово, Козјак. Сакам да упатам апел до младите да го практикуваат овој спорт но и да се свртат кон сопствените убавини и да се грижат за нив“,  вели Илиев кој годинава поради пандемијата и работните обврски немал многу време да му се посвети на пливањето.

    Тој во водите на брана Турија беше придружуван од спортски риболовци од Струмица кои му беа логистичка поддршка за време на пливањето. Лани Илиев за празникот Богородица ја преплива и браната Водочка во Струмичко, кога беше речиси три часа во водите на ова езеро. Неговото маратонско пливање во водите на Турија беше поддржано од Општина Струмица и градоначалникот Коста Јаневски.

    Како што ни кажа Илиев, ова му било 91 во маратонско пливање, што како соло, што под капата на пливачката федерација во категоријата на ветерани. Годинава за него ова е трето маратонско пливање. Пливал во Кавадарци, на Крушевското Езеро и кај Св. Наум на Охридското, а во наредниот период планира да го преплива Дебарското Езеро.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари