„МАКЕДОНИЈА, НАПРЕД!“ – ЈАПОНСКИОТ ГРАД ЧИГАСАКИ ЌЕ НАВИВА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ВО ТОКИО

    „МАКЕДОНИЈА, НАПРЕД!“ – ЈАПОНСКИОТ ГРАД ЧИГАСАКИ ЌЕ НАВИВА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ВО ТОКИООлимпијците Георгиевски и Нуров на градски автобус во Чигасаки (Фото? принтскрин/Јутјуб)

    Чигасаки, град со 250.000 жители, ќе биде дом на македонските спортисти за време на претстојните Олимписки и Параолимписки игри во Токио и неговите власти и жители снимија видео во кое им посакуваат добредојде и им изразуваат поддршка.

    „Македонија, Македонија, напред!“, велат обичните луѓе од сите возрасти во видеото објавено на Јутјуб, додека градоначалникот Хикару Сато изразува надеж дека ова е почеток на едно ново пријателство.

    „Чигасаки е град-домаќин на олимпискиот и параолимпискиот тим на Северна Македонија и се надевам дека и во иднина ќе го продолжиме нашето пријателство. Сакаме луѓето од Македонија да дојдат да го посетат Чигасаки. Јас и граѓаните на Чигасаки ќе навиваме за македонските олимпијци“, вели Сато.

    Македонија ќе ја претставуваат осуммина спортисти на ОИ во Токио: пливачите Миа Блажевска-Еминова и Филип Дерковски, Дејан Георгиевски (теквондо), Јован Стојоски (атлетика), Пулексенија Јовановска (карате), Арбреша Реџепи (џудо), Борјан Бранковски (стрелаштво) и Могамедгаџи Нуров (борење). Игрите се отвораат в петок, а веќе следниот ден настапуваат Дерковски и Бранковски.

    „Вие надминавте многу предизвици за да дојдете на Олимписките игри во Токио и да настапите во најдобра форма. Ви посакувам сè најдобро. Ние, жителите на Чигасаки, ќе навиваме за вас“, вели претседателот на Извршниот комитет за Игрите во Чигасаки, Хироши Ишида.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира