Младиот Марко Пејчиноски денеска повторно плива во водите на Охридското Езеро, што е една од активностите што се одржуваат во Охрид и Струга во знак на поддршка на децата со ретки болести. Петнаесетгодишниот Пејчиноски, кој во 2018 првпат го преплива Охридското Езеро со некроза на ногата, притоа ќе се обиде да ја исплива релацијата Охрид-Струга-Охрид.
„Слоганот на овој настан е ‘Никогаш не се откажувај‘ и оваа порака која Марко ја упатува до децата со ретки болести и до нивните семејства нека биде и порака до системот, до институциите-креатори на политики и донесувачи на одлуки дека и пациентите и родителите на децата со ретки болести не се откажуваат од својата борба за правичност. Оваа година акцент се става на воведување неонатален скриниг на новороденчиња, исклучително важен за навремено поставување дијагноза и нејзино третирање“, вели активистката Гордана Лолеска.
Под мотото „Весламе за ретките“, струшките кајакари, ентузијасти и поддржувачи на лицата со ретки болести денеска по вторпат ќе возат по реката Црн Дрим и Глобочичко Езеро. Се очекува учество да земат 30-ина кајакари, меѓу кои и лица со ретки болести.
Лолеска вели дека во полн ек се подготовките за најновото, четврто издание на националната кампањата „Ги запознаваме ретките болести“.