МОЕТО СРЦЕ ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ОСТАНЕ НА „КАМП НОУ“, КАЖА ИНИЕСТА НА ПРОСТУВАЊЕТО ОД БАРСЕЛОНА

    МОЕТО СРЦЕ ЗАСЕКОГАШ ЌЕ ОСТАНЕ НА „КАМП НОУ“, КАЖА ИНИЕСТА НА ПРОСТУВАЊЕТО ОД БАРСЕЛОНАПоследен поглед кон вториот дом. - Андрес Иниеста на центарот на „Камп ноу“ (Фото: Гети)

    Откако навивачите и играчите си заминаа од „Камп ноу“ по синоќешниот натпревар со Реал Сосиедад, една фигура остана осамено да седи на центарот на игралиштето.

    Андрес Иниеста по 22 години се прости од Барселона и ова беше негов начин да фрли уште еден поглед на добро познатото опкружување, во коешто стана еден од најдобрите и најпочитувани фудбалери на сите времиња.

    Иниеста беше во солзи кога по завршувањето на средбата на екранот на стадионот почнаа да се вртат некои од незаборавните моменти од неговите 15 сезони во Барселона, а потоа ѝ се обрати на публиката.

    Си заминува како најтрофејниот играч во историјата на Барселона (Фото: Ројтерс)

    „Ова беа неверојатни 22 години и беше чест да се бранат боите на овој клуб, за мене, најдобар на светот. Сакам да им се заблагодарам на сите на стадионот. Си заминувам на 34 години, но моето срце засекогаш ќе остане овдека“, изјави Иниеста.

    Човекот на милион пасови, тој заминува како најтрофејниот играч во историјата на клубот, со освоени 32 титули, од кои четири во Лигата на шампионите.

    „Уште се сеќавам на денот кога првпат го видов Андрес како игра. Бев во младинскиот тим и тогаш некој ми кажа ‘Чави, види го тоа момче, ќе биде најдобар на светот‘. Кога го видов, сфатив дека е поразличен од мене и од сите други. Тоа беше шоу“, се присети уште една легенда на Барселона, Чави Ернандес.

    Иниеста вети дека нема да игра за друг клуб во Европа, но сѐ уште не потврдил дали оди во Кина или во САД.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари