Најдобриот светски играч на бриџ е суспендиран откако паднал на допинг-тест.
Геир Хелгемо, Норвежанец кој настапува под знамето на Монако, имал позитивен тест на синтетички тестостерон и на женскиот лек за плодност кломифен за време на натпреварот од Светската серија во Орландо, Флорида, што се одржа во септември. Тој беше суспендиран од Светската бриџ федерација откако признал дека ги прекршил антидопинг правилата. На него исто така му се одземени сите титули, медали и поени од минатогодишната Светска серија.
„Станува збор за препарати кои не ги подобруваат перформансите. Сите во бриџ заедницата го знаат и почитуваат Геир. Тој го направил тоа на своја одговорност, но тие препарати немаат никакво влијание врз играта“, изјави Кари-Ане Опсал, претседателката на Норвешката бриџ федерација.
Светската бриџ федерација е призната од Меѓународниот олимписки комитет и затоа мора да ги почитува и правилата на Светската антидопинг агенција.