Охридски пливачки маратон оваа година нема да се одржи, објави претседателот на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски, на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски.
Стојановски кажа дека маратонот не може да се одржи поради блокираната сметка на федерацијата, што, како што додаде, се должи на лошото финансиско работење на претходното раководство. Оваа манифестација традиционално се одржуваше под покровителство на претседателот на државата.
Охридскиот маратон и во минатото често се соочуваше со опасноста да не се одржи поради финансиски проблеми, но неговата традиција сепак остана непрекината од 1992 година.
На ланското 34. издание победија Французите Аксел Рејмон и Ошан Касањол.