ОПШТИНА БИТОЛА ПОСТИГНА ДОГОВОР ЗА СПОЈУВАЊЕ НА РАКОМЕТНИТЕ КЛУБОВИ ПЕЛИСТЕР И ЕУРОФАРМ РАБОТНИК

    ОПШТИНА БИТОЛА ПОСТИГНА ДОГОВОР ЗА СПОЈУВАЊЕ НА РАКОМЕТНИТЕ КЛУБОВИ ПЕЛИСТЕР И ЕУРОФАРМ РАБОТНИКБитола сега ќе има два клуба со исто име, со годишен буџет од еден милион евра (Фото: СДК.МК)

    РК Еурофарм Битола ќе купи 75% од акциите на РК Пелистер, додека Општина Битола ќе купи 25% од акциите на Еурофарм Работник. Ова е дел од договорот што денеска го усвои Советот на Општина Битола за уредување на капиталната и управувачка структура на двата ракометни клуба од Битола, кои ќе се фузираат.

    „Се предвидува создавање на два куба, Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2. Првиот ќе се натпреварува во СЕХА лигата и во европските натпреварувања, а другиот во домашната Суперлига. Предвидениот буџет за двата клуба е најмалку еден милион евра на годишно ниво. Грбот ќе биде зелено-бел и се надевам дека ќе имаме убава ракометна, спортска приказна во Битола“, рече претседателот на Советот Валентин Груевски.

    По ова ќе се направи книговодствено услогласување, а сите обврски што ги има РК Пелистер ќе треба да ги подмири Општина Битола. Според Груевски, не се работи за долгови, туку за ситни обврски.

    „Тоа не претставува никаков проблем. Има обврски кон ситни доверители. Најголемиот долг е кон СИЗ-от за домување, има некакви станови од пред дваесетина години што, наводно, биле во сопственост на клубот, а никој не ги користел, но останала обврската“, рече Груевски.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаше воздржано, зашто нивните забелешки не биле ставени во Платформата за ракометна Битола.

    „Најголем дел од обврските што излегуваат од тој договор се однесуваат на Општина Битола. Околу 400.000 евра годишно, односно два милиона за пет години ќе одат на сметката на Еурофарм Работник, а ниту еден од потписниците не е обврзан да инвестира во инфраструктура“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

    За договорот гласаше советничкото мнозинство предводено од СДСМ, според кое се создава ракометен џин.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари