ОТКОРНАТА И УКРАДЕНА ЅВЕЗДАТА НА ГОРАН ПАНДЕВ ОД СТРУМИЧКИОТ ПЛОШТАД

    ОТКОРНАТА И УКРАДЕНА ЅВЕЗДАТА НА ГОРАН ПАНДЕВ ОД СТРУМИЧКИОТ ПЛОШТАДПандев ја доби ѕвездата во 2010 година (Фото: СДК.МК)

    Непознати сторители ноќеска ја откорнале и украле бакарната ѕвезда на фудбалерот Горан Пандев, што беше поставена на струмичкиот плоштад. Ѕвездата ја постави општината во 2010 година, кога Пандев со Интер ги освои Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, во знак на благодарност за афирмација на градот Струмица.

    (Фото: СДК.МК)

    „Ова е срам и голем скандал. Место да се гордееме што имаме струмичанец кој освоил титули и дал огромен придонес за македонскиот фудбал, ние вака му возвраќаме. Институциите веднаш да го пронајдат сторителот или сторителите, оти ова е за секаква осуда и веднаш да се врати ѕвездата“, коментираа струмичани.

    Општина Струмица, која го постави обележјето кога се реконструираше плоштадот, го осуди вандалскиот чин и случајот го пријави во полиција.

    „Наша екипа беше на терен и изврши увид. Работиме на откривање на сторителите“, информираа од полицијата.

    Ѕвездата беше бакарна и стоеше на центарот од плоштадот. Освен името и презимето, стоеше и годината кога тој ги освои титулите со Интер – 2010.

    „Немам коментар“, кусо ни прокоментира Горан Пандев.

    Пандев во Струмица има фудбалска академија со околу 400 млади фудбалери, но и сениорски тим кој се натпреварува во Првата фудбалска лига, а гради и спортски центар со стадион, што идната година треба да биде готов.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари