ПАНДЕВ ПРОТИВ ХОЛАНДИЈА ЌЕ ГО ОДИГРА ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС

    ПАНДЕВ ПРОТИВ ХОЛАНДИЈА ЌЕ ГО ОДИГРА ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС„Сонот мој се оствари, Македонија да ја гледаме на едно големо натпреварување и мислам дека подобро опростување од натпреварот против Холандија на европско првенство не можев да посакам“, кажа Пандев. (Фото: СДК.МК)

    Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев најави дека утрешниот меч против Холандија на Европското првенство ќе биде негов последен во националниот дрес. Пандев вели дека не ни можел да посака подобар начин да се прости од репрезентацијата.

    „Ова за мене е последен натпревар во дресот на македонската репрезентација. Заедно со колегите и селекторот направивме нешто што не знам дали некоја друга генерација може да го направи и мислам дека е прав момент да се простам од македонскиот дрес. Ѝ посакувам на оваа генерација да се пласира на светско првенство и мислам дека оваа генерација во следните години може да ни донесе многу радости бидејќи се работи за квалитетни играчи кои заслужуваат да играат на едно светско првенство. Среќен сум што се простувам на еден ваков начин, на едно големо натпрeварување, бидејќи сонот мој се оствари, Македонија да ја гледаме на едно големо натпреварување и мислам дека подобро опростување од натпреварот против Холандија на европско првенство не можев да посакам“, кажа Пандев на денешната прес-конференција во пресрет на мечот во Амстердам.

    Пандев дебитираше во националниот тим како 18-годишник во 2001 година и оттогаш забележа 121 настап и постигна 38 гола, вклучувајќи го и првиот за Македонија на европските првенства, против Австрија. За утре (18ч.) Холандија очекува со соиграчите да одиграат како во второто полувреме против Украина.

    „Дај боже да биде со еден добар резултат. Знаеме дека Холандија е еден од фаворитите на ова европско првенство, играме на нивни терен, но ние треба да одиграме храбро и отворено, како во второто полувреме против Украина. Ако одиграме како што знаеме и умееме, можеме да ги изненадиме“, рече Пандев.

    Холандија е прва во групата Ц со максимални две победи и обезбедено прво место, додека Македонија ги загуби шансите за пласман во осминафиналето по двата порази од Австрија и Украина.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира