ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВЕЛЕСЛАЛОМ СЕ ОДРЖА НА ПОПОВА ШАПКА ЗАШТО НА ПЕЛИСТЕР НЕМА СНЕГ

    ПЕЛИСТЕРСКИОТ ВЕЛЕСЛАЛОМ СЕ ОДРЖА НА ПОПОВА ШАПКА ЗАШТО НА ПЕЛИСТЕР НЕМА СНЕГГодинава на Пелистер немаше доволно снег за да се подготви патека за вакво натпреварување, кое редовно се одржува во март

    Дел од битолчани се револтирани поради тоа што Пелистерски велеслалом, натпревар што се одржува над половина век, годинава се пресели на Попова Шапка. Тој се одржа денеска за натпреварувачи од шест до 16 години.

    „Ова е традиционален спортски код на битолчани и скијањето на Пелистер, ова е традиција и не сакаме да се одржува на друго место. Започна во 1960 година и беше празник за Пелистер. Имало и години кога поради немање снег не се одржал или пак бил подоцна, дури и на 25 март. Немаме ништо против децата да скијат на Попова Шапка, но овој Пелистерски велеслалом го личи на Пелистер“, велат љубители на планината и скијањето од Битола.

    Од скијачкиот клубот „Пелистер“, организатор на велеслаломот, за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека одлучиле да се одржи на Попова Шапка зашто на Пелистер нема снег.

    „Секоја година, со неколку исклучоци, Пелистерскиот велеслалом се одржувал во март. Годинава, снегот пто падна не беше доволен за да се подготви патека за вакво натпреварување. Има технички параметри кои треба да се исполнат“, соопштија од клубот.

    Оттаму додаваат дека овој натпревар е значаен за децата кои цела година настапуваа на Националниот алпски куп.

    „Овие деца неуморно тренираат цела година и се натпреваруваа цела сезона, па одлучивме настанот Пелистерски велеслалом годинава да се одржи во скијачки центар каде што условите се подобри. Ова не е новина во скијањето, хрватски клубови организираат натпревари во Австрија во вакви случаи“, соопштија од СК „Пелистер“.

    На скијачките терени на Пелистер сѐ уште нема инсталација за вештачки снег. Со климатските промени снег има сѐ помалку на патеките и неопходни се вложувања доколку Пелистер сака да го зачува некогашниот примат на скијачка мека во Македонија. Тука тренирале и големите хрватски скијачи Ивица и Јаница Костелиќ, а ги тренирал нивниот татко Анте Костелиќ, кој порано бил тренер на ракометниот клуб Пелистер.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира