ПЕНДАРОВСКИ ГО ЗАМОЛИ ПАПАТА ДА НАВИВА И ДА СЕ ПОМОЛИ ЗА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН, КОГА ВЕЌЕ АРГЕНТИНА НЕ Е НА ЕВРОПСКО

    ПЕНДАРОВСКИ ГО ЗАМОЛИ ПАПАТА ДА НАВИВА И ДА СЕ ПОМОЛИ ЗА МАКЕДОНИЈА ДА СТАНЕ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН, КОГА ВЕЌЕ АРГЕНТИНА НЕ Е НА ЕВРОПСКО„Ќе се молам за вас со сето срце“, му рече Папата Фрањо на Пендаровски (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Претседателот Стево Пендаровски денеска на приемот кај Папата Фрањо во Ватикан, кога му го даде црвениот дрес на македонската фудбалска репрезентација со „Папа Франциск“ на задната страна, на кирилица, побара да навива за нас на Европското фудбалско првенство.

    „Знам дека сте голем фан на фудбал. За 19 дена стартува Европското првенство и знаеме дека Аргентина нема да учествува и немате за кого да навивате. Ако учествуваше Аргентина, ќе победевте. Ние како земја за првпат се пласиравме на Европско првенство и сега ви го предавам првиот официјален дрес“, му кажа Пендаровски на Папата.

    Од снимката од аудиенцијата се слуша дека само што му кажа Пендаровски дека неговата светост е напишана на кирилица, тој своето име на дресот течно си го прочита на глас.

    Тогаш Пендаровски побара од домаќинот: „Да навивате за нас, да се помолите за нас барем да станеме европски шампиони“.

    „Ќе се молам за вас со сето срце“, му рече Папата Фрањо.

    Потоа двајцата си разменија вредни подароци и од културните наследства од двете држави.

    „Папата Франциск прв го добива најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Нека донесе среќа и нови успеси и победи на претстојното Европско првенство“, објави потоа Пендаровски на Фејсбук.

    По потекло од Аргентина, папата Фрањо е познат како голем љубител на фудбалот и е навивач на аргентинскиот клуб Сан Лоренсо.

    На Европското првенство, Македонија е во група со Австрија, Украина и Холандија. Првиот натпревар е против Австрија, на 13 јуни во Букурешт, Романија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира