ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ ФУДБАЛСКИ ТРЕНЕР МИРОСЛАВ ЌИРО БЛАЖЕВИЌ

    ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ ФУДБАЛСКИ ТРЕНЕР МИРОСЛАВ ЌИРО БЛАЖЕВИЌБлажевиќ го достигна зенитот на кариерата на Мундијалот во Франција, кога со Хрватска го освои третото место (Фото: Пиксел)

    Легендарниот хрватски фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ почина утрово по долга борба со ракот, два дена пред 88. роденден. Блажевиќ се здоби со прекарот „тренер на сите тренери“ откако ја предводеше хрватската репрезентација до историското трето место на Светското првенство во Франција во 1998 година.

    На Блажевиќ првпат му беше дијагностициран рак во 2011 и болеста му се врати пред четири години.

    Роден во босанскиот град Травник во 1935, Блажевиќ имал скромна играчка кариера, која ја заврши на 31-годишна возраст во Швајцарија. Таму почнал со тренерската работа во 1968, која го однесе во 30-ина клубови и репрезентации на повеќе континенти.

    Во југословенскиот фудбал се врати во 1979 и првиот голем успех го оствари кога со Динамо Загреб ја освои шампионската титула во 1982, кога и почна легендата за Ќиро и за неговиот бел шал.

    Распадот на Југославија го дочека во Франција, а на покана на првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман се врати дома во 1992 за повторно да го преземе Динамо, сега под името Кроација.

    Селектор на Хрватска стана во 1994. По настапот на Европското првенство во 1996, Блажевиќ го достигна зенитот на кариерата на Мундијалот во Франција, каде што Хрватска приреди сензација со пласманот во полуфиналето и со освојувањето на третото место. Од клупата на Хрватска се повлече во 2000, по слабиот старт на квалификациите за СП 2002.

    Потоа ги водеше и селекциите на Иран и БиХ, а како тренер работеше до 2015.

    Во 2005 се кандидираше на претседателските избори во Хрватска, но освои само 0,8% гласови, а следната година не постигна значаен резултат ни на парламентарните избори, но и покрај тоа, остана една од најпопуларните личности ви Хрватска и регионот. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира