ПОГБА ГО ПОКАНИ ЈАНЕ ДА ГО ГЛЕДА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ

    ПОГБА ГО ПОКАНИ ЈАНЕ ДА ГО ГЛЕДА МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИОткако ѕвездата на Манчестер Јунајтед го видела спотот на УЕФА за кампањата „Еднаквост на терен“, му испратила на Јане дрес со негов потпис и го поканила на гледа фудбалски натпревар во Манчестер (Фото: Фејсбук)

    Фудбалерот на Манчестер Јунајтед Пол Погба го покани Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија, да биде негов гостин во Манчестер и да следи во живо натпревар на англискиот клуб во Лигата на шампиони.

    Откако ѕвездата на Манчестер Јунајтед го видел спотот на УЕФА за кампањата „Еднаквост на терен“ во кој Јане и покрај тоа што е во количка секој ден игра фудбал и зборува дека најголема желба му е да прооди за да дава голови како Роналдо, му испратил дрес со негов потпис.

    „Кога Јане го доби дресот од Погба веднаш му испрати видео порака во која му заблагодарува. Луѓето од УЕФА кои ја водат кампањата ‘Еднакви на терен’ наредниот ден не поврзаа со менаџерот на Погба кој го покани Јане во името на Погба да биде негов гостин и да следи натпревар на Манчестер Јунајтед. Јане е пресреќен“, вели Деница Велковска мајката на Јане.

    Покрај Погба, Јане со својата приказна воодушеви и други фудбалски ѕвезди. Луис Фиго, поранешниот фудбалер на Барселона, Реал Мадрид и Интер, објави фотографија со сликата на Јане, под која напиша „Ти си неверојатен“.

    Луис Фиго, не остана рамнодушен на приказната на Јане, тој објави фотографија со сликата на Јане, под која напиша „Ти си неверојатен“

    „Фудбалот ми значи сè. Кога играм фудбал, заборавам на сè. Кога гледам фудбал сум најсреќен. Јас не можам да одам, така сум роден, имам спинална мускулна атрофија. Сега сум голман, бранам во мојата електромоторна количка, можам да го водам тимот, да бидам капитен. Сонувам да можам да го добијам лекот кој ќе ми помогне да можам да одам и да бидам фудбалер како Роналдо“, вели Јане во видеото на УЕФА кое го обиколи светот.

    Родителите на Јане од дијагностицирањето на болеста водат борба да му овозможат максимално квалитетен и исполнет живот, нешто што во нашата земја е многу тешко.

    Пред две години, Фондот за здравство му одобри операција на Јане на Kлиника во Париз за корекција на сколиозата која е очекувана последица од СМА. Со примена на нов метод во рбетниот столб на Јане му се поставени импланти.

    На секои шест месеци Јане оди во клиниката за да му ги продолжуваат имплантите кои треба да го следат неговиот раст. Сега, родителите на Јане водат нова борба за тој и неколкуте други деца кај нас кои боледуваат од оваа болест, државата да им го обезбеди лекот „спинраза“, кој е прескап за да може да си го дозволи едно семејство.

    А. АНТЕВСКА 


    Оваа статија се продуцира со помош на грант доделен преку проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржините во оваа статија се одговорност единствено на Сакам да кажам и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари