Машката ракометна репрезентација си го усложни пласманот во втората фаза од Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска откако во драматичен натпревар со Чешка загуби со 27:25.
Во услови кога двете првопласирани селекции од секоја група одат понатаму, Македонија во вторник во Виена (18:15 часот) ќе мора да брка победа против домаќинот Австрија.
По сосема солидното прво полувреме за избраниците на Данило Брестовац, Чешка направи целосен пресврт во играта на стартот на вториот дел, за што клучна беше серијата од 5:0. Македонија, чии голмани на оваа средба беа незабележителни, за разлика од Чехот Галија, искористи две ситуации кога противничкиот табор имаше исклучен играч за да фати приклучок во последните минути, но немаше доволно поединци на ниво на Кире Лазаров.
Зицерот што го промаши Никола Маркоски на една минута до крајот ни ги уништи и последните шанси макар и за голем бод.