Португалија со Кристијано Роналдо и Шведска со Златан Ибрахимовиќ се меѓу можните противници на македонската фудбалска репрезентација во плејофот за пласман на Светското првенство во Катар во 2022. Македонија првпат ќе игра во баражот за едно големо натпреварување откако со вчерашната победа над Исланд од 3:1 го потврди второто место во групата Ј.
Македонија нема да биде носител на ждрепката што ќе се одржи на 26 ноември во 17 часот, што значи дека во полуфиналето на плејофот ќе игра на гостински терен. Засега е познато дека меѓу можните противници се Русија, Полска, Шведска и Португалија, која синоќа сензационално изгуби на домашен терен од Србија со 1:2. Конечната листа ќе биде позната утре, кога ќе се доигра последното коло во некои квалификациски групи.
Во плејофот одат десетте второпласирани репрезентации од квалификациските групи, плус двајца победници од групите на Лигата на нации кои не завршиле на првите две места во квалификациите. Тие ќе бидат поделени во три групи со по четири селекции, при што полуфиналињата се закажани за 24/25 март, а финалињата за 28/29 март 2022.