ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РОМА СЕ ИЗБАЊА ВО ФОНТАНА ПО ИЗНЕНАДУВАЧКАТА ЕЛИМИНАЦИЈА НА БАРСЕЛОНА

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РОМА СЕ ИЗБАЊА ВО ФОНТАНА ПО ИЗНЕНАДУВАЧКАТА ЕЛИМИНАЦИЈА НА БАРСЕЛОНАРома стана само трет клуб кој успеал да надомести негатива од три гола во нокаут-фазата на Лигата на шампионите (Фото: Ројтерс)

    „Не можевме да ја играме нашата игра“, упорно повторуваше тренерот Ернесто Валверде по една од најшокантните вечери во поновата историја на Лигата на шампионите, во којашто Барселона загуби од Рома со 3:0 и беше елиминирана во четврт-финалето.

    „Ова е ужасен ден за нас. Жал ми е за нашите навивачи. Им се извинувам, јас сум виновен, ја преземам одговорноста“, додаде Валверде.

    По Милан и Барселона, Рома стана само трет клуб во последните 26 години кој успеал да надомести негатива од три гола во нокаут-фазата. Истовремено, Барселона за првпат од 1943 година си дозволи луксуз да испушти ваква предност.

    По 1:4 на првата средба, беше тешко да се верува дека од ова можеме да излеземе како победници, но го направивме тоа, и тоа со стил. Никогаш не сум видел полоша Барселона“, кажа стрелецот на првиот гол за Рома, Един Џеко.

    Голот вреден полуфинале го постигна Гркот Манолас во 85. минута. Додека неговите соиграчи се гушкаа и прославуваа на теренот, тој седна на клупата за резерви и заплака.

    Воин, херој, срце и душа на одбраната на Рома. На крајот постигна и гол за неверојатни сцени на трибините“, пишуваат римските медиуми ден подоцна.

    На атмосферата потклекна и американскиот претседател на Рома, Џејмс Палота, кој по завршувањето на мечот се фрли во фонтана.

    Ова покажува која е Рома. Мислам дека ова е нашата најдобра победа. Никогаш откако сум во Рома не сум видел да играме вака 94 минути. Ние доминиравме, беше неверојатно. Големи пофалби и за тренерот Еузебио ди Франческо“, изјави Палота.

    Ова би можело да биде и тажно збогување на Андрес Иниеста од Барселона, кој призна дека, можеби, го одиграл последниот натпревар во Лигата на шампионите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира