Кристијано Роналдо ќе ја продолжи кариерата во Јувентус, потврди Реал Мадрид, на кој за овој трансфер ќе му припаднат 105 милиони евра.
Тоа ќе биде нов предизвик за 33-годишниот Португалец, по девет сезони поминати на „Сантјаго Бернабеу“, период за кој четири пати ја освои Лигата на шампионите и исто толку пати беше прогласен за најдобар светски фудбалер.
„Кристијано Роналдо секогаш ќе биде еден од најголемите симболи на Реал Мадрид. Клубот сака да му изрази благодарност на играчот кој покажа дека е најдобриот фудбалер на светот и кој го одбележа еден од најблескавите периоди во историјата на клубот. Реал Мадрид секогаш ќе биде твој дом“, соопшти актуелниот европски првак.
Роналдо на овој начин ќе стане најскапиот фудбалер во историјата на Јувентус, надминувајќи го рекордот на Гонсало Игуаин, за кој клубот плати 90 милиони евра пред две години.
Се очекува Роналдо да потпише четиригодишен договор со Јуве, вреден 565.000 евра неделно.
„Годините во Реал и во овој град се веројатно најсреќното поглавје во мојот живот. Не можам доволно да се заблагодарам за сета љубов што ја добив овдека. Сепак, дојде време да свртам нов лист во мојот живот и затоа побарав од клубот да ја прифати оваа понуда. Благодарам Мадрид“, се огласи Роналдо, кој заминува од Реал како најдобар стрелец во неговата историја со 451 гол на 438 натпревари.