Мохамед Салах ќе биде подготвен да одигра еден дел од Светското првенство во Русија, објави Египетската фудбалска федерација.
Голгетерот на Ливерпул заработи повреда на рамото во финалето на Лигата на шампионите и во прв момент се стравуваше дека може да го пропушти Мундијалот во целост. Сепак, лекарот на египетската репрезентација кажа дека на Салах му претстои пауза од најмногу три недели. Египет го игра првиот меч на 15 јуни против Уругвај, по што следуваат дуелите со Русија (19 јуни) и со Саудиска Арабија (25 јуни).
„По одржаните прегледи и состаноци, Фудбалската федерација може да потврди дека Салах, со божја помош, нема да отсуствува повеќе од три недели“, се вели во соопштението на Федерацијата.
Салах постигна 44 гола во дебитантската сезона во дресот на Ливерпул, но најважниот погодок, сепак, му беше реализираниот пенал во 95. минута од клучната квалификациска средба со Конго во октомври.