СИ ВЕТИВМЕ ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ НА ПЛОШТАД – ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ ЈА СЛАВЕА ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА НА ВАРДАР

    СИ ВЕТИВМЕ ДЕКА ЌЕ СЕ ВРАТИМЕ НА ПЛОШТАД – ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ ЈА СЛАВЕА ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА НА ВАРДАРОва беше последен танц на овој тим на Вардар, кој се простува со нова европска титула (Фото: Ѓ. Личовски)

    На Скопје му се случи нова величествена прослава на спортски успех, откако ракометарите на Вардар по две години повторно го донесоа пехарот на Лигата на шампионите од Келн.

    Илјадници луѓе трпеливо со часови ги чекаа новите европски шампиони на плоштад Македонија, откако летот од Германија во неколку наврати беше одложуван, а и доаѓањето од Скопски аеродром течеше бавно, но тоа ни малку не ја наруши еуфоричната и славеничка атмосфера, за која ракометна Европа повторно ќе прераскажува.

    Илјадници луѓе со часови трпеливо чекаа на плоштад Македонија да се појават европските шампиони (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Овие што ги гледате зад мене, тие се најголемите амбасадори на нашата држава. Голем дел од нив не се Македонци и еден ден ќе си заминат оттука, но ќе зборуваат за овој Вардар и за оваа Македонија“, кажа иконата и капитен на Вардар, Стојанче Стоилов.

    Тимур Дибиров на свој начин го исправи Стоилов.

    (Фото: К. Попов)

    „Ова ми е вторпат како стојам овдека, иако не верував дека ќе ми се повтори 2017-та. Како што рече Иван Чупиќ, цел живот е Хрват, но се чувствува како Македонец. Сакам да кажам дека сите ние 20-мина сме Македонци. Денес сите ние сме Македонци“, кажа Русинот.

    Дури и Германецот Дисингер прозборе македонски.

    „Здраво Македонија, ве сакам сите“, кажа Дисингер.

    (Фото: К. Попов)

    Игор Карачиќ, најдобриот играч на Фајнл форот на Келн, од славеничката бина и официјално се прости од Вардар и Македонија, бидејќи ја продолжува кариерата во Полска.

    „Кога се пласиравме на Фајнл форот, си ветивме дека ќе уживаме и ќе танцуваме во Келн и дека ќе се вратиме на плоштад. Ви благодарам на сите за овие седум и пол години во Скопје“, рече Карачиќ.

    И не само Карачиќ, голем дел од овој тим го напушта Вардар по овој историски момент и засега е нејасно што носи иднината за клубот.

    Г. КОНЕВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари