Јаник Синер ќе се бори за својата прва гренд слем титула откако го победи актуелниот шампион Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија.
Италијанецот славеше со 6:1, 6:2, 6:7, 6:3, нанесувајќи му го првиот пораз на Ѓоковиќ во Мелбурн од 2018 година. Светскиот рекет број еден има освоено рекордни десет титули на овој турнир и никогаш порано немаше изгубено во полуфиналето.
Во финалето, 22-годишниот Синер ќе игра против победникот на второто полуфинале, во кое се среќаваат Данил Медведев и Александер Зверев.
Ѓоковиќ влезе во сезоната со амбиција првпат да освои „златен слем“, односно сите четири гренд слем титули во една календарска година, но се сопна уште на првата пречка.