Статуата на Златан Ибрахимовиќ во Малме беше вандализирана по четврти пат во последните неколку недели откако тој купи акции на ривалски клуб.
Нарачана од Шведската фудбалска федерација, статуата беше откриена минатиот месец пред стадионот на Малме, градот во кој што Ибрахимовиќ е роден и ја почнал фудбалската кариера, но во последниот вандалски чин, ѝ беше откинат носот.
Ибрахимовиќ стана непожелен за локалните жители откако на 27 ноември беше објавено дека купил 25% од акциите на Хамарби, кој оваа сезона беше трет во шведското првенство. Истиот ден, 3,5 метри високата бронзена скулптура беше испрскана со боја, а подоцна и запалена. Врз раката исто така беше оставено седиште од веце шолја.
Уметникот Петер Линде ги повика луѓето да престанат да ја оштетуваат неговата скулптура.
Триесет и осумгодишниот Ибрахимовиќ е во потрага по нов клуб откако му заврши ангажманот во Лос Анџелес галакси.