СТРУМИЧАНИ ПОДИГНАА ТАБЛА СО ИМИЊАТА НА 200 СПОРТИСТИ КОИ ПОТЕКНУВААТ ОД НАСЕЛБАТА БАБЈАК-ЧИФЛИК

    СТРУМИЧАНИ ПОДИГНАА ТАБЛА СО ИМИЊАТА НА 200 СПОРТИСТИ КОИ ПОТЕКНУВААТ ОД НАСЕЛБАТА БАБЈАК-ЧИФЛИКВо населбата Бабјак во секоја куќа имало по три до пет спортисти, вели Томе Семенков, еден од иницијаторите на идејата (Фото: СДК.МК)

    Струмичани подигнаа табла со имињата на сите 200 спортисти кои ги дала населбата Бабјак-Чифлик

    На иницијатива на неколку струмичани кои директно или индиректно биле поврзани со локалниот спорт, на кружниот тек кај „Бурчо“, кој своевремено бил земјен спортски терен, е подигната табла со имињата на сите 200 спортисти и спортски работници што ги дала струмичката населба Бабјак-Чифлик. Меѓу нив има фудбалери, ракометари, одбојкари, боксери, но и тренери кои оставиле белег не само во македонскиот спорт, туку и пошироко.

    Идејата на Томе Семенков и на уште пет други лица била младите струмичани да се потсетат дека населбата Бабјак била најспортска во Струмица и дека дала многу таленти и звучни спортски имиња.

    Таблата е поставена на кружниот тек кај „Бурчо“, кој своевремено бил земјен спортски терен (Фото: СДК.МК)

    На таблата се испишани имињата на 94 фудбалери кои играле за Беласица, 52 кои настапувале за ФК Тиверија, 18 ракометари и исто толку фудбалски тренери, 13 одбојкари и на еден боксер кој во Југославија бил младински балкански првак. Сите се родени во Бабјак и првите спортски чекори ги направиле на теренот кај Бурчо.

    „Нашата цел е да не се заборават сите спортисти кои излегоа од оваа населба. Овде каде што е подигната таблата до 1960 година беше земјен терен, каде што сите деца од Бабјак играа фудбал или, пак, се надмудруваа во одбојка. Не верувам дека друга населба од 8.000 жители во земјава има дадено толку многу спортисти, кои во Југославија беа и репрезентативци“, изјави 75-годишниот Семенков.

    Во населбата Бабјак, според Семенков, во секоја куќа имало по три до пет спортисти кои се натпреварувале со другите маала од Струмица, а потоа се изградиле во професионални спортисти. Ги спомна Бранко Покрајчавалиев – младински балкански шампион во бокс од Истанбул, фудбалската легенда Васил Рингов, одбојкарските имиња Стево Вета и професорот Митко Циев, кој играше и за југословенската селекција. Најпознати спортски семејства биле Џорлеви, Трендови, Николови, Ричлиеви, Семенкови, Босиљанови, Маказлиеви, Пандазиеви…

    „Најмногу беа фудбалери, дефинитивно, оти по цели денови се играше фудбал на ова место кон кое се доаѓа од девет улици. Војската ни аплаудираше, вработените од монополот. Нѐ следеа како трчаме и играме со топка и бевме страв и трепет за децата од другите маала. Се надевам дека оваа табла ќе им даде потик на младите да спортуваат и да ја продолжат нишката дека Бабјак е расадник на спортисти“, вели Семенков.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира