УЛТРАМАРАТОНКАТА КАТЕРИНА ШИПОВИЌ ПО ВТОРПАТ ИСТРЧА 246 КИЛОМЕТРИ НА СПАРТАТЛОН ВО ГРЦИЈА

    УЛТРАМАРАТОНКАТА КАТЕРИНА ШИПОВИЌ ПО ВТОРПАТ ИСТРЧА 246 КИЛОМЕТРИ НА СПАРТАТЛОН ВО ГРЦИЈАШиповиќ денеска ја истрча трката за 34 часа, 29 минути и 53 секунди, или за скоро 7 минути побрзо од 2022. (Фото: Тим Шиповиќ)

    Ултрамаратонката Катерина Шиповиќ по вторпат ја истрча патеката од 246 километри од Атина до Спарта на 42. Спартатлон во Грција, една од најтешките ултрамаратонски трки во светот. Шиповиќ, која е и државна рекордерка, денеска ја истрча трката за 34 часа, 29 минути и 53 секунди, и е на 109. место од околу 400 учесници од 55 земји, односно на 22. место во женска конкуренција.

    Во 2022, Шиповиќ стана првата македонска атлетичарка која го истрча Спартатлон. Тогаш ја истрча трката за 34 часа, 36 минути и 12 секунди, и беше на 96 место од оолу 380 учесници. Денеска го подобри резултатот за околу 7 минути.

    „Спартатлон е трка со посебен дух, кој станува дел од тебе. Иако ја имам истрчано и отидов на веќе познат терен и сигурна во себе, трката ми ја покажа својата бруталност уште во првите километри и ме потсети на причините поради кои е позната. Беше една тешка, но слатка авантура низ која повторно успешно поминавме“, објави Шиповиќ по трката на својот фејсбук профил и му се заблагодари на сопругот, ултрамаратонецот Дарко Шиповиќ, кој ѝ беше главната поддршка во тимот што ја следеше на трката.

    Спартатлон, една од 10-те најтешки ултрамаратонски трки во светот каде трчаат најуспешните ултрамаратонци и има временски рок за завршување од 36 часа, учесниците ги носи од Атина до Спарта трасирајќи ја оригиналната патека на Феидипидес, кој во 490 година п.н.е. пред битката кај Маратон бил испратен во Спарта да побара помош во војната меѓу Грците и Персијците.

    На Спартатлон, во тимот за поддршка на Катерина покрај Дарко Шиповиќ беше и ултрамаратонецот Јовица Јованчев, како и Христена Антовска, сите од екипата Трекс.

    Катерина Шиповиќ со ултрамаратонско трчање се занимава од 2015 и една од макеоднските најпознати и најтрофејни ултрамаратонци. Таа е државен првак на трката на 24 часа со истрчани 180 километри. Во 2023, постави нов национален рекорд во трчање на 24 часа, откако беше апсолутна победничка на трката на себенадминувањето Шри Чинмој во Белград, истрча дистанца од 211,059 килоиметри за период од 24 часа и го собори рекордот од 2019, кој исто така беше во нејзина сопственост.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира