ВО КАТАР ПОЧНУВА НАЈСКАПОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ, НАВИВАЧИТЕ ЌЕ ПИЈАТ ПИВО ПРЕД ДА ДОЈДАТ НА СТАДИОН

    ВО КАТАР ПОЧНУВА НАЈСКАПОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ, НАВИВАЧИТЕ ЌЕ ПИЈАТ ПИВО ПРЕД ДА ДОЈДАТ НА СТАДИОНЗабрането ќе биде точење алкохол на стадионите, но ќе биде дозволено во специјални зони за навивачите. (Фото: ФИФА)

    Светското првенство во фудбал почнува денеска во Катар по многу обвинувања и критики на сметка на домаќинот кој планира да си ја одбрани репутацијата со добра организација на турнирот, прв на Блискиот исток и најскап во историјата. 

    На отворањето ќе присуствуваат крунисаниот принц на Саудиска Арабија и претседателите на Египет и Алжир, за да ја покажат на дело арапската солидарност со емирот на Катар. Таму ќе биде и генералниот секретар на Обединетите Нации.

    Светското првенство во Катар е кулминација на напорите на Катар да се пробие на глобалната сцена по 3,5-годишниот бојкот од страна на Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници што заврши минатата година. За настанот првпат ќе има директни летови меѓу Израел и Катар.

    Катар долго време ги негираше обвинувањата за злоупотреба на работниците кои ги градеа стадионите и останатата инфраструктура, но и за дискриминација и ФИФА се надева дека фокусот на она што ќе се случува на теренот ќе ги засени критиките за правата на работниците и ЛГБТ заедницата.

    Капитените на Данска и Германија ќе носат шарени ленти со натпис „Една љубов“ на натпреварите во конзервативната муслиманска земја каде што се забранети истополовите врски.

    Исто така, забрането ќе биде точење алкохол на стадионите, но ќе биде дозволено во специјални зони за навивачите.

    На пристигнувањето во Катар, аргентинскиот навивач Хулио Сезар кажа дека очекува добра атмосфера.

    „Иако нема да има пиво на стадионите, ќе пиеме пред натпреварите“, кажа тој.

    Богатиот Катар е најмалата нација домаќин на Светско првенство во фудбал, чија што организација ја чини земјата 220 милијарди долари. Се очекуваат 1,2 милиони посетители за време на турнирот, што е тројно повеќе од популацијата на земјата.

    Турнирот почнува денеска со натпреварот меѓу домаќинот Катар и Еквадор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира