ВО ПАРИЗ ЌЕ ИМА УШТЕ ПОВЕЌЕ ОЛИМПИСКИ МЕДАЛИ ВО ТЕКВОНДО, РЕЧЕ ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ НА СВЕЧЕНИОТ ПРЕЧЕК НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈА

    ВО ПАРИЗ ЌЕ ИМА УШТЕ ПОВЕЌЕ ОЛИМПИСКИ МЕДАЛИ ВО ТЕКВОНДО, РЕЧЕ ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ НА СВЕЧЕНИОТ ПРЕЧЕК НА ПЛОШТАД МАКЕДОНИЈАГеоргиевски го донесе во Македонија првиот олимписки медал по 21 година пауза (Фото: К. Попов)

    Дејан Георгиевски го постигна невозможното и направи теквондото на неколку дена да стане спорт за кој најмногу се зборува во Македонија. Тој го заслужи својот момент на поминување низ Порта Македонија откако на македонскиот спорт му го донесе она на што се чекаше 21 година – медал од Олимписки игри.

    Стотици граѓани го споделија радосниот момент со него на Плоштад Македонија, каде што му беше организиран свечен пречек по 20-часовното враќање од Токио, каде што завчера се закити со сребро во категоријата до 80 килограми.

    Георгиевски со своите тренери од теквондо клубот Бутел, Борче и Дарко Костовски (Фото: К. Попов)

    „Ветивме медал и го исполнивме ветувањето. Ова е само почеток. Сигурен сум дека откако го скршивме мразот со обезбедување норма и освојување медал, во наредните олимписки циклуси ќе имаме многу повеќе претставници во теквондото. Во Париз сигурно одиме на уште медали“, изјави 22-годишниот Георгиевски.

    Производ на теквондо клубот Бутел, каде што од мали нозе тренира под водство на Дарко Костовски, Георгиевски на следните Олимписки игри во Париз би можел да биде придружуван од своите брат и сестра, кои исто така постигнуваат врвни резултати во овој спорт.

    Стотици граѓани дојдоа да го поздрават Георгиевски на Плоштад Македонија (Фото: К. Попов)

    „Гласно, пред сите, ветивме метал во Токио, зашто верувавме во тоа. Овојпат е сребро, но бидете сигурни дека од Париз ќе донесеме најмалку еден златен медал. Сестрата на Дејан, Анамарија, која има трето место на светско младинско првенство, е сигурен кандидат за Париз, исто како и нивниот брат Коки, кој е балкански првак. Сите тројца се шампиони“, изјави Дарко Костовски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира