ВО ШТИП ОТКРИЕН СПОМЕНИК НА ШЕКУЛАРАЦ, ИНСПИРИРАН ОД НЕГОВИОТ ОМИЛЕН ДРИБЛИНГ

    ВО ШТИП ОТКРИЕН СПОМЕНИК НА ШЕКУЛАРАЦ, ИНСПИРИРАН ОД НЕГОВИОТ ОМИЛЕН ДРИБЛИНГСпомен обележјето на Шеки се наоѓа во центарот на Штип во паркот пред Домот на Домот на културата „Ацо Шопов“ и преставува прво спомен обележје на еден спортист роден во Македонија.(Фото: Т. Јовановски)

    Златната генерација на Црвена звезда која пред 26 години стана европски шампион во фудбал, а потоа го освои и Интерконтиненталниот куп, викендов престојуваше во Штип за откривањето на споменикот на фудбалската легенда Драгослав Шекуларац – Шеки, роден штипјанец и долгодишен стандарден првотимец на српскиот тим, а подоцна и нејзин тренер.

    „Споменикот за Шеки е една модерна иновација, инспирирана од неговиот омилен дриблинг противникот да го помине со пета-лоб преку глава. Споменикот ги содржи копачките од неговите ‘златни нозе’ и со неговиот лик и црвено белите бои на клубот за кој најмногу играл“, рече авторот на споменикот, штипскиот уметник Методи Андонов.

    Споменикот го откри славеникот Шеки, кој е роден во Штип во 1937 година и каде уште како дете ги започнал првите фудбалски чекори. По преселувањето во Белград, љубовта кон фудбалот што му се вкоренила уште на песочните игралишта во реката Отиња во Штип, Драгослав ја преточил како незаменлив член на првата екипа на Црвена звезда уште на своја 16 годишна возраст, за да веднаш потоа стане и репрезентативец на Југославија. Шекуларац својата фудбалска кариера официјално ја заврши во родниот град во 1978 година на прошталниот натпревар меѓу Брегалница и Црвена звезда за која настапија фудбалските ѕвезди од тоа време, Еузебио, Еду, Џаиќ, Сантрач итн.

    „Имам 80 години, но спомените од детството во Штип не се забораваат. Мајка ми Донка е Македонка, а татко ми Богосав е Црногорец кој дошол во Штип по работа и се запознал со мајка ми. Пресреќен сум што мојот роден град ова ми го приреди и остава вечен споменик како популаризација на фудбалската игра која и ден денес ми е голема љубов. Среќен сум и што дел од славната шампионска екипа на мојата Црвена звезда е присутна овде во Штип град кој испланирал и еден убав ревијален натпревар меѓу ветераните на Звезда и Брегалница“, рече популарниот Шеки.

    Шеки за репрезентацијата на Југославија одиграл 41 натпревар, постигнал шест гола, но имал стотици асистенции. Една од неговите легендарни партии е во 1962 година на Светското првенство во Чиле и победата над Уругвај од 3:1 . Неочекувано, но мошне спортски, во знак на неговата маестрална игра, уругвајските фудбалери на раце го кренале Шекуларац. За Црвена звезда Шеки одиграл 375 натпревари и постигнал 119 голови. Потоа играл за германскиот Карлсруе, колумбискиот Санта Фе и за американскиот Далас за да се врати како тренер на Црвена Звезда.

    Голем број љубители на фудбалот во Штип сакаа да се фотографираат со Шеки пред неговото спомен обележје. (Фото: Т. Јовановски)

    Бил тренер на повеќе фудбалери од шампионската екипа на Црвена звезда која во 1991 година стана првак на Европа со победата над Олимпик од Марсеј. Решавачкиот гол од пенал го даде Дарко Панчев, а мошне борбено во одбраната играше Илија Најдовски. Подоцна во Интернационалниот куп во Токио со победата над Јужноамериканскиот првак Коло Коло ( 3: 0 ) Црвена звезда стана и светски шампион. ФИФА подоцна ја оспори оваа титула со образложение дека ваквото прогласување започнало од 2000 година. Но, за љубителите на фудбалот останува фактот дека Црвена звезда во 1991 година стана и светски шампион.

    „Како што стојат работите во фудбалски Балкан, покрај сегашните Барселона, Реал, Манчестер, Челзи, Баерн итн, тешко може да се случи некоја екипа од овие простори во скоро време да го повтори нашиот успех и да стане европски и светски првак“ рече Милан Шестиќ.

    Истото го смета и поранешниот фудбалер на црвено-белите, Кирил Дојчиновски, а браќата Ѓуровски веруваат дека за десет до 20 години Црвена звезда ќе го повтори историскиот успех.

    Тие, заедно со останатите играчи на славната генерација на Црвена звезда, Михајловиќ, Најдоски, Караси, Живковиќ, Ачимовиќ и други во чест на Шеки на градскиот стадион во Штип пред полни трибини одиграа ревијален натпревар со ветераните на ФК Брегалница, а потоа заминаа на заедничка вечера и да го гледаат финалето на европскиот куп меѓу Реал и Јувентус.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира