Сите училиштата и факултетите во Италија ќе бидат затворени до 15 март, одлучи италијанската Влада, како максимална мерка на претпазливост од ширење на коронавирусот. Се одложуваат и сите јавни настани и манифестации на отворено, а спортските натпревари меѓу кои и фудбалските натпревари од серија А ќе се играат без публика.
Министерката за образование на Италија Лучија Ацолина кажа дека одлуката да се затворат училиштата не била лесна и се надева дека учениците ќе се вратат на училиште што е можно поскоро.
„Владата веќе ја разгледува можноста да се донесе одлука еден од родителите да отсуствува од работа за да може да се грижи за малолетните деца кои сега се дома“, рече Ацолина.
Во Италија бројот на заразени со коронавирс е 2.706. Починати се 107 лица, а бројот на излекувани досега е 276 или 8,49 отсто.