Кина и Индија меѓусебно се обвинуваат за провоцирање на вчерашниот судир во спорна хималајска област, кога загинаа најмалку 20 индиски војници. Индија вели дека жртви има на двете страни, но ова засега не е потврдено од Пекинг.
При вчерашниот инцидент не бил испукан ниеден куршум, туку борбата се водела со камења и палки и локалните медиуми објавија дека индиските војници биле претепани до смрт. Индиската војска соопшти и дека неколкумина војници се тешко повредени и дека биле изложени на ниски температури на терен на голема надморска височина.
Ова е најсмртоносниот инцидент на кинеско-индиската граница во последните 45 години. Индија кажа дека Кина се обидела „да го промени статус кво“, додека Пекинг ги обвини индиските сили дека го нападнале кинескиот персонал. Двете страни подоцна одржале состанок за да ја смират ситуацијата.
Индиската војска во прв момент објави дека загинале само тројца нејзини припадници во регионот Ладак, за подоцна да го зголеми трагичниот биланс на 20. Двете страни инсистираат дека немаат испукано ниеден куршум веќе четири децении и Индија потврди дека и сега немало размена на оган.
Двете земји досега имаат водено само една војна, во 1962 година, кога Индија претрпела понижувачки пораз.