40 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА ВО ЧЕРНОБИЛ, МАЛКУМИНА ОД ОНИЕ КОИ ПРВИ РЕАГИРАА СЕ ЖИВИ

    40 ГОДИНИ ПО КАТАСТРОФАТА ВО ЧЕРНОБИЛ, МАЛКУМИНА ОД ОНИЕ КОИ ПРВИ РЕАГИРАА СЕ ЖИВИДел од преживеаните „ликвидатори“ кои четири години го расчистуваа местото во тешки услови (Фото: АП)

    Петро Хурин вели дека неговото здравје никогаш не било исто откако бил испратен пред 40 години да го чисти локалитетот во Чернобил по најлошата нуклеарна несреќа во светот. Тој бил меѓу стотиците илјади „ликвидатори“ донесени да чистат по експлозијата во четвртиот реактор на нуклеарната централа Чернобил во Украина на 26 април 1986. Катастрофата испрати облаци од радиоактивен материјал низ поголемиот дел од Европа.

    Триесет и едно лице, вклучувајќи работници во фабриката и пожарникари, починале веднаш по несреќата, главно од акутна радијациска болест. Илјадници други оттогаш подлегнале на болести поврзани со зрачење, како што е ракот, иако вкупниот број смртни случаи и долгорочните здравствени ефекти остануваат предмет на интензивна дебата.

    По несреќата, хеликоптери лебдеа над изложеното радиоактивно јадро, испуштајќи песок и други материјали за да го задушат пожарот. Работниците ја миеја радиоактивната прашина од зградите и патиштата, закопуваа отровна машинерија, расчистуваа шуми и дури ловеа животни за да го забават ширењето на зрачењето.

    Во тоа време, Хурин работел за фирма која снабдувала багери и градежни возила, што го испратило во зоната на забрана во Чернобил во јуни 1986. Од 40-темина луѓе испратени од неговата компанија, само петмина се живи денес, рече тој.

    Советските власти се обидоа да го сокријат обемот на катастрофата во Чернобил, одбивајќи да ја откажат парадата на 1 мај во Киев, околу 100 километри јужно.

    Триесет и едно лице, вклучувајќи работници во фабриката и пожарникари, починале веднаш по несреќата (Фото: АП)

    Хурин рече дека некои негови колеги доставиле лекарски уверенија за да се ослободат од службата во Чернобил, но тој бил спремен да помогне.

    „Сфатив дека, колку и да е мал мојот придонес, помогам во скротувањето на овој атомски ѕвер“, кажа тој.

    Работејќи во смени од 12 часа, Хурин со багер товарел сув бетон измешан со олово во камиони за транспорт до реакторот, каде што се мешал заради изградба на масивен саркофаг за да се задржи зрачењето. По четири дена, Хурин почнал да доживува сериозни симптоми, како главоболки, болка во градите, крвавење и метален вкус во грлото. Лекарите го лекувале, но по уште една смена, едвај можел да оди.

    Се плашев дека ми останува ден или два живот. Ме донесоа во болница и лекарите прво ми направија крвна слика. Ми ги боцнаа сите прсти и излезе бледа течност, но немаше крв“, раскажа Хурин.

    Советските лекари одбиле да му дијагностицираат радијациска болест, наод што, според него, во тоа време не бил дозволен. Наместо тоа, му било кажано дека има вегетативно-васкуларна дистонија, нервно нарушување кое често се поврзува со стрес.

    Пред катастрофата, Хурин никогаш не земал боледување, но потоа поминал околу седум месеци одејќи од една болница во друга. Тој вели дека му се дијагностицирани анемија, ангина, панкреатит и низа други состојби.

    Денес живее со сопругата Олга во Черкаскиот регион во централна Украина и сѐ уште страда од здравствени проблеми.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира