Поранешниот каталонски претседател Карлес Пучдемон денеска треба да се појави на суд, откако викендов беше уапсен во Германија, што иницираше масовни и насилни протести низ Каталонија.
Околу 90 луѓе се повредени во судирите на илјадниците демонстранти со полицијата, а четворица се уапсени.
Пучдемон бил уапсен врз основа на европскиот налог за апсење во моментот кога ја поминал данската граница на враќање кон Белгија, каде што избега во октомври, по неуспешниот обид на Каталонија да прогласи отцепување од Шпанија.
Според шпанските медиуми, 55.000 луѓе се собраа во центарот на Барселона за да го изразат својот револт пред европските институции и германскиот конзулат.
Пучдемон денеска ќе се појави пред германски суд за да се потврди неговиот идентитет, по што ќе биде решено дали ќе остане во притвор, врз основа на барањето за екстрадиција.
Тензиите во Каталонија повторно пораснаа, откако беше одложено именувањето на нов претседател, по притворањето на главниот кандидат Жорди Туруљ во петокот.