АМЕРИКА НЕМА ДА ПРАЌА ВОЈСКА ВО УКРАИНА АКО БИДЕ НАПАДНАТА ОД РУСИЈА, КАЖА БАЈДЕН

    АМЕРИКА НЕМА ДА ПРАЌА ВОЈСКА ВО УКРАИНА АКО БИДЕ НАПАДНАТА ОД РУСИЈА, КАЖА БАЈДЕНБајден и Путин вчера два часа разговараа преку видеоврска (Фото: АП)

    Џо Бајден изјави дека американски војници нема да бидат испратени во Украина во случај таа да биде нападната од Русија. Тој се огласи ден по двочасовните разговори со Владимир Путин преку видеоврска, што требаше да ги смири тензиите во регионот, предизвикани од распоредувањето на десетици илјади руски војници долж источната граница на Украина. На состанокот, што не беше отворен за јавност, Бајден му се заканил на Путин со сериозни економски последици.

    Рускиот претседател претходно ја обвини Украина за провокација и побара гаранции дека НАТО нема да се шири кон исток и нема да распоредува оружје близу Русија. Путин денеска одби да каже дали ќе ѝ нареди на својата војска да влезе во Украина, но изјави дека нема да седи со скрстени раце ако западната воена алијанса се доближи до Русија.

    Украинските власти сметаат дека Русија планира воена офанзива за крај на јануари.

    „САД имаат морална и законска обврска кон своите НАТО сојузници во регионот, но тоа не се однесува на Украина. Идејата дека Америка еднострано ќе употреби сила и ќе се конфронтира со Русија ако таа ја нападне Украина не е во игра. Но, Русија ќе се соочи со економски санкции какви што досега не се видени“, кажа Бајден денеска.

    Вашингтон засега нема прецизирано за какви економски мерки станува збор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира